Авиокомпанијата „Изиџет“ доби субвенции од Владата за воведување авиолинии од Скопскиот аеродром до Женева и до аеродромот „Орли“ во Париз. Од Скопје за Париз ќе се лета од 2 април, а за Женева од 3 ноември. Овие две нови дестинации се воведуваат со вториот повик на Министерството за транспорт и врски за субвенционирање на авиолинии.
„Јавниот повик е сè уште отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат критериумите предвидени со повикот“, објави на Фејсбук министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
„Изиџет“ со овие субвенции се враќа на македонскиот пазар. Во ноември 2024, по три години оваа компанија престана да лета од Женева за Скопје.
„Изиџет“ првпат влезе на македонскиот пазар во ноември 2021 и ја одржуваше линијата за Женева на која немаше конкуренција.
Што се однесува до Париз, „Изиџет“ ќе се соочи со индиректна конкуренција, имајќи предвид дека унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ одржува летови меѓу Скопје и аеродромот Буве, што се рекламира како лет до Париз. Сепак, за разлика од Буве, кој е оддалечен 90 километри од центарот на Париз, од аеродромот „Орли“ има само 20 километри.
Министерството за транспорт на 23 декември лани објави нов, втор јавен повик за воведување нови субвенционирани авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027. Според условите субвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра што ги намени Владата.
Тендерот е отворен за сите авиокомпании кои превезле над пет милиони патници и оствариле нето профит од најмалку десет милиони евра во 2023 година. Државата ќе обезбеди девет евра за секој патник што слетува во Скопје, односно 12 евра за секое доаѓање на аеродромот во Охрид со субвенционираните линии.
Финансиската поддршка ќе се доделува врз основа на неколку фактори: времетраењето на операциите, зачестеноста на неделните летови, атрактивноста на аеродромите од кои ќе се лета кон македонските аеродроми и бројот на седишта достапни за продажба.
- ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД ВИЗЕР, ВЛАДАТА НАМЕСТО КОМПАНИИ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА АВИОЛИНИИ, ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПО ПАТНИК ВО ДОАЃАЊЕ, А НЕ ВО ЗАМИНУВАЊЕ
-
„ВИЗЕР“ УКИНА ШЕСТ ЛЕТОВИ, ЌЕ ВОВЕДЕ ТРИ, СУБВЕНЦИИ ОД ВЛАДАТА ДОБИВА САМО ЗА ЉУБЉАНА
На претходниот јавен повик во октомври беа доделени 6,1 милион евра на авиокомпаниите како поддршка за воведување нови линии во истиот тригодишен период, при што беа избрани „Визер“, „Туркиш ерлајнс“ и „Флајдубаи“. „Визер“ веќе ги пушти во продажба картите за летовите од Скопје до Барселона и Лион од мај 2025 и до Штутгарт од октомври 2025. „Туркиш ерлајнс“ веќе продава билети за летови меѓу Истанбул и Охрид три пати неделно од идната пролет. „Флајдубаи“ се обрза да ја обнови линијата од Дубаи до Скопје.
А. АНТЕВСКА
МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ