На големиот српски празник Свети Сава, претседателот на Република Српска Милорад Додик ги навреди поранешниот претседател на САД Џо Бајден, НАТО чија што Македонија е членка, како и Европската унија, а премиерот Христијан Мицкоски тоа го слушаше од првиот ред во салата во МНТ во Скопје.
„Во делот на содржината на говорот кој што се однесуваше на анти ЕУ и анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам и навистина не очекував дека ќе го злоупотреби настанот со испраќање на такви пораки, бидејќи сепак тоа беше свечена акадeмија, а не место каде што се упатуваат ваков тип на политички пораки“, кажа денеска на прес-конференција премиерот Мицкоски.
Неговиот заменик, вицепремиерот Иван Стоилковиќ, пак, му даде целосна поддршка на претседателот Александар Вучиќ против чие владеење во моментов има масовни протести низ цела Србија. Денеска премиерот на Србија Милош Вучевиќ, кадар на Вучиќ, си поднесе оставка и српската влада е во оставка.
Синоќа во МНТ беа и српските министри за одбрана Братислав Гашиќ и за култура Никола Селаковиќ. Од Црна Гора, присутен беше претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ.
На прославата беше и српскиот патријарх Порфириј и рускиот амбасадор во Македонија Сергеј Баздникин.
На настанот беа и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, како и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Додик го искористи настапот за Свети Сава за политички пораки и повици. Рече дека Република Српска е држава и оти тие сакаат да живеат во своја држава, а да не нанесат зло никому друг. Зборувајќи за војната во Босна, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат оти српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население. Во однос на Европската Унија, Додик кажа дека иако тоа е стратешка цел за Србија, таа е лицемерна и тоа го докажала токму со примерот на Македонија.
„Нашата историја секогаш била на страната на победниците, чесни победи низ историјата. Српскиот народ, иако сакаат да му стават етикети од минатата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, лажат кога зборуваат за геноцид или за било што друго. За жал се случи војна во која умираа сите, а лажеа кога говореа дека ние убивме 300.000 припадници на друг народ. На база на лаги кои тогаш ги пласираа Бајден и неговата администрација, тие направија конфликт со нас во Република Српска и не сакаат ниту денес да не пуштат да живееме на слобода“, рече Додик.
Ситуацијата во Босна и Херцеговина ја спореди со војната во Украина. Кажа дека Русија на чело со Владимир Путин прават сè што е можно за да го заштитат руското малцинство во Украина и тоа во вистински момент и време, притоа велејќи дека жали што сепак мора да има настрадани во конфликтот, но оти Русија не смеела да дозволи НАТО да се постави во близина на Москва.
„Господине Гашиќ, дозволете ми во името на Србите во Македонија да пренесам целосна и толку огромна поддршка до претседателот Вучиќ, да продолжи да носи мир и стабилност во регионот, а на некој начин мирот и стабилноста на Србија е предуслов за економскиот развој на Србија, а како таков економски развој, тој е погоден и за сите земји во регионот и таа политика мора да продолжи и понатаму“, рече вицепремиерот Стоилковиќ.