СМРТТА НА ФРОСИНА Е УБИСТВО ПОРАДИ НЕКАЗНИВОСТ НА СУДСТВОТО, КАЖА ТАТКОТО НА ДЕВОЈКАТА КОЈА НАСТРАДА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО СКОПЈЕ

    СМРТТА НА ФРОСИНА Е УБИСТВО ПОРАДИ НЕКАЗНИВОСТ НА СУДСТВОТО, КАЖА ТАТКОТО НА ДЕВОЈКАТА КОЈА НАСТРАДА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО СКОПЈЕСкршени од болка, родителите и сестрата на Фросина Кулакова им се заблагодарија на сограѓаните што се собраа во толкав број (Фото: СДК.МК)

    Неготинци се простија од нивната сограѓанка Фросина Кулакова, која завчера беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Родителите, роднините, пријатели, другарки со протест на плоштадот во Неготино ја испратија младата Фросина на вечното почивалиште. Скршени од болка, родителите и сестра ѝ им се заблагодарија на сограѓаните што се собраа во толкав број за да го искажат нивниот револт од трагичниот настан. Таткото вели дека овде се работи за убиство.

    Ова наше правосудство е коренот на сите наши проблеми, протежира неказнивост кое потоа се одразува на сите сфери во животот. Имаме ли неказнивост, имаме тотален распад во системот, во државата. Не само во сообраќајот, туку и во другите сфери. Последиците ги трпат децата. Тој губитник по сите мерила на животот кој го направи ова, влезен во некој лош филм, ни уби бисер од дете, врвен дизајнер. Сѐ поради таа неказнивост“, кажа низ солзи таткото Тодор Кулаков.

    Неготинци одржаа протест на плоштадот во градот (Фото: СДК.МК)

    Возејќи пијан со брзина од 120 км/ч, минувајќи на црвено на пешачки премин, осомничениот Васил Јованов ја прегази Фросина Кулакова во средата вечер на Партизанска во Скопје. Жителите на Неготино бараат правда за Фросина.

    Меѓу бројните присутни беа и родителите на Викторија Николова, Славе и Сузана од Радовиш, чија ќерка беше прегазена на пешачки премин на Партизанска, кај Сити мол на 20 јануари 2022. Тие дојдоа да им дадат поддршка на родителите на Фросина.

    Родителите на Викторија Николова, која загина на пешачки премин кај „Сити мол“ пред три години (Фото: СДК.МК)

    Изразуваме сочувство на родителите на Фросина. Не ја постигнавме целта за нашата Викторија, четири години се премалку за сторителот, судијката и сторителот на душа ќе ја носат нашата ќерка. Судијката немаше храброст ни пресудата да ја прочита. Сакаме барем за Фросина да ја постигнеме правдата. Судиите да размислат пред да пресудат. Викторија и Фросина се ангели кои заминаа прерано“, рече Славе Николов, чија ќерка беше прегазена на пешачки премин на Партизанска, кај Сити мол на 20 јануари 2022.

    В недела од 12 часот е најавен протест на жителите од Тиквешијата во Кавадарци, по смртта на Фросина Кулакова од Неготино.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира