Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово, која ја покрива и општината Липково, лани имала 569 интервенции, од кои 521 за гаснење пожар и 48 технички. Во ланските пожари имало двајца загинати и еден повреден, а предизвикале материјална штета од вкупно 41,727 милиони денари (околу 670.000 евра). Проценетата штета се однесува на објекти и возила.
Од вкупниот број, 292 пожари биле на отворен простор, 114 на објекти, 30 на возила и 85 интервенции во категоријата останато. Техничките интервенции биле на вадење на заглавени од лифт, помош на животни, при сообраќајни несреќи и друго.
„Имавме исклучително напорна година, со многу пожари на отворен простор, главно предизвикани од човечки фактор“, вели комадирот Деан Илиевски.
Пожарникарите не се надеваат дека оваа година ќе биде помирна, со оглед на климатските промени и непоправливата свест кај населението. Од почетокот на годината, имаат 42 пожари, што во просек е по еден дневно, голема бројка за зима. Последните денови имаат по 4-5 пожари на отворено во селата, бидејќи земјоделците почнаа да ги чистат нивите.
„Никако да се смени навиката за палења стрништа иако агрономите препорачуваат дека се прави поголема штета на земјоделието, а и ние постојано апелираме дека таквите навики нè чинат многу, пожари излегуваат од контрола и се прошируваат на цели региони кои потоа тешко се ставаат под контрола“, објаснува Илиевски.
Тој вели дека пожарите често се предизвикани и од допирање на жици на електродистрибутивната мрежа, како што беа случаите во селата К’шање и Кокошиње. Во тој дел на општината сè уште има дрвени бандери, кои се искривени и со стари жици, без недоволна изолација, па во лето и при најмал ветар искрат и создаваат пламен.
Лани кумановските пожарникари биле на испомош во Неготино, на пожар на планината Серта, во Тетово, во Старо Нагоричане.
Кумановската едниница брои 45 пожарникари, а за целосна пополнетост фалат уште 30 професионалци. Илиевски вели дека имаат релативно добра опременост со возила и опрема, и успеваат да се справат со проблемите на терен.
С. НИКОЛИЌ