Театар Комедија годинава ќе има три премиери со буџет од 39 илјади евра (2, 4 милиони денари), согласно делегираниот буџет кој го доби од Министерството за култура и туризам.
Од Театарот денеска соопштија дека Управниот одбор дал согласност парите да бидат распоредени во следниве три проекти: „Секс, лаги и главоболки”, во режија на Александра Кардалевска (колективно авторство) во висина од 200 илјади денари (над 3.200 евра), „Аматери”, во режија на Синиша Евтимов (според Луис, Шилдс и Џонатан) во висина од 1, 4 милиони денари (околу 22.650 евра) и за „Ивана, принцезата на Бургунд”, во режија на Драгана Милошевска-Попов, во висина од 800 илјади денари (околу 13.000 евра).
Министерството за култура и туризам годинава одлучи 18 национални установи да добијат делегиран буџет.
Според Законот за култура, годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор во рок од 15 дена од донесување на решението, по што Министерството за култура и туризам и директорот склучуваат договор за финансирање на годишната програма за работа на Националната установа. Својата програма националните установи треба да ја објават на својата веб-страница.
Минатата недела, Драмскот театар во Скопје соопшти дека во театарот годинава ќе режираат претстави Иван Пеновиќ од Хрватска, Синиша Евтимов, Ненад Витанов, Филип Петковски и Драгана Милошевска-Попов. Драмски театар доби буџет од 5,9 милиони денари (95.885 евра) за реализација на пет претстави во 2025.
Б. НЕСТОРОСКА