ОД 130.000 КНИГИ ВО ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА СЕ ДОСТАПНИ 80.000, ДРУГИТЕ СЕ ЧУВААТ ВО МАГАЦИНИ ОТИ НЕМА МЕСТО ПО ПРЕСЕЛБАТА ВО ПОМАЛ ПРОСТОР

    ОД 130.000 КНИГИ ВО ТЕТОВСКАТА БИБЛИОТЕКА СЕ ДОСТАПНИ 80.000, ДРУГИТЕ СЕ ЧУВААТ ВО МАГАЦИНИ ОТИ НЕМА МЕСТО ПО ПРЕСЕЛБАТА ВО ПОМАЛ ПРОСТОРБиблиотеката во 2023 беше преселена во помал простор и сега нема место за сите книги. (Фото: СДК.МК)

    Нема простор каде да се сместат постојниот библиотечен фонд и новите книги во тетовската библиотека „Кочо Рацин“, откако минатата година ѝ беше одземен просторот и беше префрлена во помали простории. Во библиотеката има над 130.000 книги, но за читателите се достапни само околу 80.000, бидејќи другите книги поради недостаток на простор се сместени во магацини.

    Секоја година библиотеката го зголемува фондот на книги, па тие најчесто се оставаат воо ходниците или во канцелариите во библиотеката, бидејќи на помалку од 150 метри квадратни простор, со колку што сега располага библиотеката, нема доволно место сите книги да се најдат во рафтовите.

    „Во 2023, со одлука на претходната Влада бевме преместени од еден во друг дел од Центарот за култура во Тетово, на простор со помалку метри квадратни, затоа што просториите беа отстапени за отворање на канцеларии на Европската Унија. Се сместивме во помал простор, па од 200 квадрати, колку што имавме тогаш, сега имаме само 146 квадрати. Овие простории се пофункционални, но е тесно затоа што не ги собира сите книги што ги имавме во старите простори. Во магацините на Центарот за култура имаме складирано од 45 до 50 илјади книги, а во сегашните простории имаме од 70 до 80 илјади книги. Во 2024 имавме 5.200 активни читатели коишто изнајмиле над 50.000 книги. Функционираме и овде без разлика што е тесно, но ќе биде сè потешко поради потребата од набавка на нови книги“, изјави Махи Муртезани, в. д. директор на Националната устанива (НУ) Библиотека „Кочо Рацин“ од Тетово.

    Тетовската библиотека нема читална, ни сала со интернет, ниту други простори за нормално функционирање, како што имаат другите библиотеки низ цела Македонија. Библиотеката има примероци од дневен печат од 1945, но тие се недостапни за читателите бидејќи се сместени во подрумски простории.

    „Библиотеката ‘Кочо Рацин’ во Тетово во 2024 година го зголеми книжниот фонд со купување на 470 нови наслови, односно 1.420 нови книги и 269 нови книги подарени од тетовските роднокрајни автори. Сега ние правиме ротација. Некои книги што помалку се бараат ги ставаме на страна и ќе ги складираме во помошните простории, за да има место за новите наслови. Се обидувам да бидам во контакт со Министерството за култура, конкретно за некои простории во Центарот за култура кои ние би можеле времено да ги користиме сè додека не се преселиме во новиот објект. Затоа ни е многу важно и апелираме што поскоро да се заврши новиот објект што ќе биде од корист за сите“, вели  директорот Муртезани.

    Новиот објект, каде што треба да бидат сместени новиот театар и библиотеката, за која се предвидени 2.850 квадратни метри простор, се гради веќе 10 години. Минатата година, против три лица кои беа задолжени за изградбата на новиот театар и библиотека беа поднесени кривични пријави за злоупотреба на средствата наменети за изградбата на објектот, а изградбата е ставена во мирување.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира