Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедија со 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.
„Министерството за внатрешни органи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара. Никој не е над законот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста.“, соопшти Владата и апелира да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот.
Дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде ноќеска во пожар загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, работела со фалсификувана лиценца, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.
„Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.
Во дискотеката имало 500 посетители. Имало и малолетни лица, од нив 20 се повредени, а три се починати. Во пожарот кој утрово околу 2 часот изби во кочанската дискотека, повредени се 155 луѓе кои се хоспитализирани се во различни здравствени установи низ државата, а 27 се во критична состојба, а 13 се транспортирани во Солун. Загинатите 59 се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип.