Амбасадорот на Русија во Обединети нации Виталиј Чуркин, ненадејно почина денеска во Њујорк. Заменик-амбасадорот Владимир Сафронков изјави дека на Чуркин му се слошило во канцеларијата во ОН, по што бил префрлен во болница, каде што починал. Причината за смртта сè уште не е позната.
„Министерството за надворешни работи на Русија со длабоко жалење соопштува дека во Њујорк ненадејно почина Виталиј Чуркин, истакнат руски дипломат, на возраст од 65 години, додека ја извршуваше својата работа. На семејството и на блиските им изразуваме искрено сочувство“, се вели во соопштението на министерството.
Чуркин беше амбасадор на Русија во ОН од 2006. Претходно амбасадорската функција ја извршуваше во Белгија од 1994 до 1998, а потоа во Канада од 1998 до 2003. Амбасадорот течно говорел руски, монголски, француски и англиски јазик.