НОВИНАРИ НА ТВ21 И РОЈТЕРС ЗАДРЖАНИ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ОТИ СНИМАЛЕ СО ДРОН НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕ

    НОВИНАРИ НА ТВ21 И РОЈТЕРС ЗАДРЖАНИ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ОТИ СНИМАЛЕ СО ДРОН НА ПРОТЕСТОТ ВО СКОПЈЕОд Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека новинари се задржани на разговор бидејќи немале дозвола за снимање со дрон.(Фото: СДК.МК)

    Двајца новинари на Телевизија 21 и еден новинар на агенцијата „Ројтерс“, државјанин на Република Србија, вечерва се однесени и задржани во полициската станица „Центар“ бидејќи го снимале со дрон протестот на Плоштадот Македонија во Скопје.

    Протестот се одржа поради трагедијата во Кочани во која по пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица.

    Новинарите се задржани во полициската станица повеќе од час и половина.

    Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека неколку новинари се повикани на разговор бидејќи немале дозвола за снимање со дрон.

    Попладнево Министерството за внатрешни работи соопшти дека се забранува летање дронови на подрачјето на Кочани и Штип. Во соопштението не се наведува дека забраната важи и за Скопје.

    „Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж односно дронови дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со дронови на територијата на градовите Кочани и Штип.  Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со дронови во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, велат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира