Уште петмина пациенти кои се лекуваа во странствo по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска ќе се вратат во Македонија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Четворица ќе се вратат од Шпанија и еден од Грција.
Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.
„Добра вест е што се намалува бројот на пациенти што се лекуваат во странство. Во моментот се 113 пациенти, со тоа што вчера се врати еден пациент од Србија и една пациентка од Бугарија. Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат под 24-часовен надзор според протоколот, доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе се пуштат на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките. Најавени ни се уште 4 пациенти за враќање, но за тоа утре дополнително ќе информираме. До крај на денот во странство ќе продолжат со лекување 108 пациенти. Се надевам дека до крајот на неделата ќе имаме уште поголем број пациенти што ќе се вратат“, кажа Таравари.
Во моментот во болниците во државава се лекуваат 23 пациенти, од кои 4 во Клинички центар (2 на Клиниките за пластична хирургија и 2 на Токсикологија), 6 пациенти во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, 9 во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ од кои еден е подготвен за испис, а во Систина се 4 пациенти.
Сите овие пациенти се стабилни и во добра состојба.