Оваа година Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус во земјава ќе го одбележат Денот на Европа со хуманитарна трка за настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. На 25 мај, истовремено во 7 градови, Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово, ќе се трча заедно за помош на Кочани.
„На трката ‘Сите за Кочани-трчаме заедно‘ може да учествува секој, без разлика на возраста или физичката подготвеност. Трките се наменети за сите односно рекреативци, спортисти, аматери, помлади и повозрасни, бидејќи не се работи за километри, туку за солидарност. На 25 мај, нема да трчаме за резултати, ниту пак за награди – ќе трчаме за солидарност и за вредностите кои нѐ дефинираат како општество и како заедница“, велат од Делегацијата на ЕУ.
Пријавувањето е отворено и може да се врши преку платформата https://sitezakocani.mk, каде што секој заинтересиран може да избере град и да стане дел од најважната трка оваа година. Сите средства собрани од котизациите ќе бидат донирани преку Црвениот крст, кој ќе ги насочи кон заедницата во Кочани, осигурувајќи дека секоја донација ќе оди таму каде што е најпотребна.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ кој се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а 200 беа повредени.