Не помина предлог-одлуката на в. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски, со која локалната власт ќе добива бесплатна помош во инспекциските служби. Според предлогот, Општините Карпош и Струмица се понудиле да даваат помош во меѓуопштинската работа со Општина Кочани. На 64. седница на Советот, „за“ предлогот гласаа советниците на СДСМ. Додека советници од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани, како и советникот од ЛДП, а советничката од Левица беше против.
„Потребата од ваква институционална соработка е што локалната власт нема одреден профил на испектори, за градежните инспектори се води истажана постапка. Стигнуваат предмети за дивоградби, нема луѓе кои ќе работат. Секој кој нема да ги поддржи овие предлози е против сигурноста и безбедноста во општината. Помошта ќе биде бесплатна. Не гледам простор за можни манипулација, нема од што да стравувате. Предлозите се во интерес на безбедноста на граѓаните“, кажа в.д градоначалникот Крстевски.
Тој кажа дека во Општината од пред 13 години не постои Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Сегашниот градоначалник е в.д. и нема легитимност да склучува такви договори за подолг рок, оти мандатот му завршува во октомври“, рече Мирче Стојков советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Независниот советник Венко Крстевски беше избран за в. д. градоначалник на 14 април, откако по пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март оставка даде претходниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ. Папазов кој си даде оставка на 17 март е во куќен притвор како еден од осомничените за пожарот во дивата дискотека во Кочани. Во пожарот во дивата дискотека загинаа 62 лица, од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.
Над 60 лица досега се под истрага за пожарот, меѓу кои и двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев , како и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори. Под истрага се и сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.