АВСТРИЈА ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈА ВО БАЗЕЛ, ИЗРАЕЛ ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ НА ВТОРОТО МЕСТО

    АВСТРИЈА ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈА ВО БАЗЕЛ, ИЗРАЕЛ ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ НА ВТОРОТО МЕСТОЏеј Џеј, кој е контратенор во Виенската државна опера, победи со љубовна балада. (Фото: Гети)

    Австрискиот пејач Џеј Џеј победи на Изборот за песна на Евровизија во Базел, Швајцарија,  и во последен момент ја победи фаворитката Јувал Рафаел од Израел која заврши втора. 24-годишниот пејач, кој е контратенор во Виенската државна опера, ја освои титулата со песната „Потрошена љубов“ (Wasted Love), балада за невозвратена љубов.

    „Ви благодарам многу што ги остваривте моите соништа. Љубовта е најсилната сила на светот, ајде да шириме повеќе љубов“, рече Џеј Џеј кој освои 436 поени.

    Израел е на второто место со 357, а Естонија е трета со 356. Четвртото место го освои Шведска, а петтото Италија.  Втора година по ред, Велика Британија доби нула поени од гласањето на публиката.

    Помладата сестра на Џеј Џеј го истурка обезбедувањето за да го прегрне откако беше објавена победата. Пејачот рече дека поддршка добил и од 85-годишниот дедо и четиримесечната внука.

    Ова е третпат Австрија да победи на натпреварот, по Удо Јиргенс во 1966 и Кончита Вурст во 2014. Џеј Џеј беше инспириран да учествува на Евровизија од Кончита.

    Втора година по ред, имаше контроверзии околу учеството на Израел, при што демонстрантите сакаа да се елиминира земјата поради воената акција во Газа. На улиците на Базел неколку часа пред натпреварот се одржаа пропалестински протести. Подоцна, еден маж и една жена беа спречени да ја нападнат пејачката Јувал Рафаел на сцената за време на настапот на Израел.

    „Еден од двајцата демонстранти фрли боја, погоден беше еден член од екипата на Израел. Членот на екипата е добро и никој не е повреден“, рече претставник на швајцарската телевизија.

    25-годишната израелска пејачка ги преживеа нападите на Хамас на 7 октомври во 2023 на фестивалот Нова, каде тогаш беше нејзиниот прв настап на отворено. Кога беа истрелани ракетите од Газа кон Израел, а вооружените лица на Хамас почнаа да пукаат кон учесниците на фестивалот, таа се обидела да побегне од масакрот. Пејачката и нејзините пријатели се сокриле во засолниште  покрај патот, каде околу 50 луѓе биле натрупани, лежејќи еден врз друг. Рафаел беше една од само 11-те луѓе во засолништето што преживеаја по осум часа криење. Тој ден, околу 1.200 луѓе беа убиени од вооружени лица предводени од Хамас, а 251 беа земени како заложници.

    Македонија не учествуваше на Евровизија трета година по ред, а ниту една земја од поранешна Југославија не влезе во финалето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира