Ниту по месец и пол не е санирано оштетувањето на пругата Скопје-Велес. На 2 април, поројниот дожд и дотечената Маркова Река однесоа дел од насипот каде е поставена железничката пруга, на делницата помеѓу станиците Лисиче и Драчево. Тогаш од Македонски железници соопштија дека возовите на оваа релација ќе ја користат пругата преку Трубарево, ќе нема прекин, но патувањето ќе трае подолго.
За овој период нема информации за активности за санацијата, а директорот на Јавно претпријатие Македонски железници Инфраструктура (ЈПМЖИ) Синиша Ивановски, најавува изградба на брза пруга Скопје-Солун.
На прашањето кога ќе започне санацијата на оштетувањето, од ЈПМЖИ велат од 26 мај.
„Се работи на санирање на насипот на Маркова Река. До петок треба да се санира долниот строј. Лабораторија надлежна за проверка на стисливоста на долниот стој ќе изврши контрола в петок. Од понеделник ќе започнат работите на горниот строј, односно поставување шини, прагови и толчаник. Се очекува до крајот на месецот да биде санирана пругата и од 1 јуни да стартува сообраќањето на возови“ , ни одговорија од ЈПМЖ Инфраструктура.
За овој период од 50 дена, патувањето од Скопје кон Битола и Гевгелија е долго. До Велес се патува и по два часа. Велешани велат дека утринскиот патнички воз од Скопје за Гевгелија е регистриран како минува во 9:44 часот, иако по ред на возење треба да мине низ Велес во 7:22 часот. И во другите денови состојбата со доцнењето е од по еден час најмалку. На 17 мај патничкиот воз од Скопја за Битола, наместо во 10:30 часот во Битола стигнал во 12: 15 часот.
„И тие малку патници што ја користеа железницата како средство за превоз се откажаа. Кое е чувството да тргнеш, а да не знаеш кога ќе стигнеш. Секое доцнење на возот е по 90 минути, до или од Велес. Премногу долго се чека на санацијата на насипот и пругата“, вели патник за Скопје.
Директорот Ивановски на прес-конференцијата најави дека ќе се врши рехабилитација на пругата од Скопје до Велес, на делниците каде има брзина од 20-30 км/ч.
П. ПЕЧКОВ