Премиерот Христијан Мицкоски ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да постапува во врска со дивоградбите, откако таа вчера во емитување на живо на Фејсбук одеше на локации во Општина Чаир и покажуваше каде се гради на диво на државно земјиште. Таа притоа рече дека Град Скопје нема надлежност да урива објекти и затоа ништо не може да направи.
„Таа има ингеренции и ако навистина мисли дека е така тогаш треба да постапува, затоа што со филозофирање и гола реторика народот нема фајде“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на пуштањето километар и пол селски пат во тетовското село Палатица.
Арсовска вчера, обраќајки му се на градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу, го повика да ги урне довоградбите.
„За жал, од сите Општини само Градот нема ингеренции да урива дивоградби, Но, ти Висар можеш да ја урнеш. Ајде, дојди да ни кажеш како после ќе ја легализираш градбата, кога тоа законски не може, со Законот за легализација од 2016 година ли ќе го направиш тоа?“, рече Арсовска.
Неколку часа подоцна, Арсовска со објава на фејсбук профилот рече дека жали што „првиот човек на Владата се уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува градот Скопје да постапува по дивоградби“.
„Мицкоски, надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор. Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по закон. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски. Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи“, напиша Арсовска и го повика премиерот да постапи веднаш.
Данела Арсовска на локалните избори во 2017 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје. Кавгата меѓу нив почна во 2022, кога Арсовска го разреши тогашниот директор на „Водовод и канализација“ Златко Перински, кој сега во Владата на Мицкоски е министер за локална самоуправа. Арсовска тогаш рече дека им го „фатила рачето во медот“ и затоа не им чини.
На 20 октомври лани, Арсовска го нарече премиерот Мицкоски суетен и рече дека предводи Влада со „секташко ментална состојба“. Реакцијата ѝ следеше откако Владата не прифати ниту еден од 20 проекти со кои Град Скопје аплицираше на повикот за помош на Општините од унгарскиот кредит.
На 30 август, лани Арсовска испрати писмо до Мицкоски во кое го замоли да престане со блокадата и сам да набави нови градски автобуси ако не сака тоа да биде преку Град Скопје. Таа реагираше откако на 29 август советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа да се набават нови автобуси, поради што немаше мнозинство и одлуката не помина. За одлуката гласаа сите останати советнички групи, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот.
З. АНДОНОВ