Да се намали урбанизацијата, притисокот врз Охридско Езеро со пловила и загадување, масовниот туризам да се замени со одговорен туризам како и поголема едукација на граѓаните, особено на најмладите за уникатните вредности на Охрид оти тој е под двојна заштита на УНЕСКО, како светско културно и природно наследство, кажа стручната фела на трибината „Охрид 45 години светско културно наследство под заштита на УНЕСКО“ што се одржа во организација на Здружението на граѓани „Еко баланс три“ (Eco Balance Tree), а со поддршка на Општина Охрид.
Експертите побараа поголема вклученост на институциите на локално и национално ниво во заштитата на културно-историското и природно богатство, но и да се применуваат законите, а секоја неправилност да биде санкционирана.
Археологот, научен работник и истражувач Паско Кузман рече дека староста на Охрид е потврдена со научни докази и функционира непрекинато речиси 8 илјади години. Тој кажа дека е потребно да се формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО и ќе се занимава со решавање на проблемите на градот.
„Охрид е жив град и треба да водиме сметка и за неговите жителите и за правилата кои ги пропишува УНЕСКО. Оттаму, потребна е соодветна заштита која подразбира интеграција на старото со новото. Треба да го зачуваме тоа што е старо изградено, да го конзервираме и на него можеме да градиме ново, но во познатиот стил, староградската архитектура. Во Охрид во рамките на Општина Охрид треба да се формира еден борд кој специјално ќе комуницира за сите проблеми со УНЕСКО и кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци. Штета е да немаме таква група на луѓе кои директно ќе одговараат на обврските на УНЕСКО и директно овде ќе водат сметка за заштитата, архитектурата, вредното наследство, но и за чистотата, со казни ако треба“, рече Кузман.
Според него, без да функционираат законите и без санкционирање нема спас за Охрид.
Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошки институт во Охрид рече дека Охридското Езеро мора да се гледа и од научно значење, а не само како објект за туризам, како акумулација за производство на електрична енергија или за водоснабдување.
Според неа, еден од најголемите недостатоци во заштитата е што нема тело за управување со Охридско Езеро како заштитено подрачје.
„Беа направени во минатото обиди за донесување Закон за управување и други акти, но за жал, сè тоа е некаде заглавено во административни процедури. Што побрзо се направи тело е чекор напред во насока на зачувување на природната реткост. Бројни се заканите со кои се соочува Охридското Езеро, почнувајќи од засилено загадување на езерото, рапидна урбанизација, сè поголемиот број на пловни објекти, зголемениот излов односно криволов со кој се соочуваме децении наназад, контролирано искористување на водите од Охридско Езеро за производство на електрична енергија. Сето тоа мора да биде запрено“, рече Тасеска.
Туризмологот Нина Кепеска смета дека новите хоризонти во туризмот се не само да се зачува природната средина, езерото, културно-историското добро, тоа што е заштитено од УНЕСКО, туку и да се обнови, да се збогати и да се подобри.
Охрид, според подводниот истражувач Емил Јовановиќ, се продава како туристичка дестинација многу евтино.
„Тоа не треба да биде така, треба да се ограничи бројот на туристи, ни требаат помалку, но поквалитетни гости кои ќе знаат да ги ценат вредностите кои ги поседува регионот“, смета Јовановиќ.
Тој посочи дека уникатноста на Охридското Езеро ја нема никаде во светот од нуркачки аспект.
„Во езерото може да се види уникатен жив свет. Туристите се фасцинирани од тоа што го имаме. Но, секој ден гледаме сè поголема урбанизација и узурпација на езерото. Има многу бродови, катамарани. Сè тоа треба да се ограничи и надвор и во езерото, зашто сè помалку и помалку ќе ги гледаме видовите на жив свет во езерото. Не гледаме тоа што треба да оставиме за следните генерации. Моментално гледаме да се збогатиме. Последните години почнаа да се појавуваат неколку инвазивни видови риби во езерото кои никогаш не живееле тука и кои ќе им наштетат на постоечките. Мора да ги заштитиме автохтоните видови, водата да не се испушта енормно. Мора нултата точка да се следи и да се внимава како се управува со оваа непроценлива природна реткост“, вели Јовановиќ.
С. ВРЕНЦОВСКА