ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ЗА СКОПЈЕ ТРЕБАШЕ ДА ПРОРАБОТИ ВО 2025, НО НЕ САМО ШТО НЕ Е ГОТОВА, ТУКУ НЕ СЕ ЗНАЕ НИ ДАЛИ СЕ ГРАДИ

    ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ЗА СКОПЈЕ ТРЕБАШЕ ДА ПРОРАБОТИ ВО 2025, НО НЕ САМО ШТО НЕ Е ГОТОВА, ТУКУ НЕ СЕ ЗНАЕ НИ ДАЛИ СЕ ГРАДИДве години откако е потпишан договорот, во јавноста нема никаква информација за проектот, oд Град Скопје и „Водовод и канализација“ не е испратено ниту едно соопштение, ниту Арсовска се сликала на увид на градежни работи. (Фото: СДК.МК)

    Капиталниот проект за Скопје, пречистителна станица за отпадни води на Вардар во вредност од 200 милиони евра, не само што не е готов, туку не се знае ниту дали е почната изградбата.

    Постапката за пречистителната станица започна во декември 2019, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“, Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води, од кои најмногу страда Вардар. Дел од парите, односно 136 милиони евра, се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија. Но, со доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција проектот беше закочен, за што забелешки имаа и европските банки.

    Пречистителната станица не е готова, ниту јавноста има информација до каде е постапката. Во април 2023, по две години одолговлекување од страна на раководството на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“, беше потпишан договорот со германската фирма „ВТЕ Васертехник“ и домашната  „Жикол“. Договорот беше потпишан во тајност. Иако станува збор за капитален проект за градот вреден 200 милиони евра, ни Арсовска, ни тогашниот директор на „Водовод и канализација“ Драган Илиевски не одржаа прес-конференција, ниту одговараа на новинарските прашања.

    Две години откако е потпишан договорот, во јавноста нема никаква информација за проектот. Од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ не е испратено ниту едно соопштение за овој проект, Арсовска не се сликала на увид на градежни работи и не објавила информација на својот фејсбук профил.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска до каде е реализацијата на овој капитален проект, што досега е сработено и што се работи во моментов. Но, како и во целиот мандат на Арсовска, одговор на нашите прашања не добивме. На нашите телефонски повици не одговараше ниту директорот на „Водовод и канализација“ Тони Миновски, кој во април лани беше поставен на функцијата. Тој е четврти директор на претпријатието во мандатот на Арсовска.

    Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари во Општина Гази Баба, на левиот брег на Вардар, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од Вардар да биде помалку загадена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира