ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА ДИВОГРАДБАТА ВО ЧАИР, ВЕЛАТ СЕ ГРАДИ БЕЗ ДОЗВОЛА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА ДИВОГРАДБАТА ВО ЧАИР, ВЕЛАТ СЕ ГРАДИ БЕЗ ДОЗВОЛА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕОбјектот почнал да се гради во 2024, без одобрение и на државно земјиште на улицата Кемал Сејфула во Чаир. (Фото: Фејсбук)

    Основното јавно обвинителство почна истражна постапка за зградата дивоградба во Општина Чаир. Поведена е истражна постапка против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик. Станува збор за зграда која лани во август ја пријавиле граѓани на улицата Кемал Сејфула.

    „Објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата Кемал Сејфула во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност приземје, шест ката плус поткровје, наменети за продажба“, велат од Обвинителството.

    По наредба на јавен обвинител, овластен судски вештак од областа на градежништвото констатирал моментална фаза на изграденост, односно изведени армирано-бетонски работи, целосно избетонирана скелетна армирано-бетонска конструкција, столбови, греди и плочи од подрум до шестиот кат, како и ѕидање на надворешни и внатрешни ѕидови со блок тула.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост, обврска да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за изведување градежни работи на објектот дивоградба.

    Оваа дивоградба не е во листата на дивоградби кои изминативе денови ги објавува градоначалничката Арсовска. Таа две недели објавува дивоградби во Чаир како и фалсификувани документи со кои градоначалникот Висар Ганиу ги легализира и ги впишува во Катастар. Арсовска за овие обвинување достави и документи во Обвинителството.

    На ова Ганиу ѝ одговори дека секаде низ Скопје имало дивоградби, не само во Чаир, а ако има незаконски дејствија да постапи Обвинителството.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира