НЕМА ПОЗНАНСТВО НИ НАЈМАЛА ПОВРЗАНОСТ НА ТАТКОТО НА ВАЊА СО ЧЕТВОРИЦАТА ОБВИНЕТИ НА ЧЕЛО СО ПАЛЕВСКИ КОИ ГО УБИЈА НЕГОВОТО ДЕТЕ, КАЖА АДВОКАТОТ ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОР

    НЕМА ПОЗНАНСТВО НИ НАЈМАЛА ПОВРЗАНОСТ НА ТАТКОТО НА ВАЊА СО ЧЕТВОРИЦАТА ОБВИНЕТИ НА ЧЕЛО СО ПАЛЕВСКИ КОИ ГО УБИЈА НЕГОВОТО ДЕТЕ, КАЖА АДВОКАТОТ ВО ЗАВРШНИОТ ЗБОРАдвокатото на Александар Ѓорчевсми во име на својот клиент побара праведна казна за сторителите кои му го убија детето, а за него ослободителна пресуда. (Фото: СДК.МК)

    Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на убиената 14-годишна Вања, Александар Ѓорчевски, на почетокот на завршниот збор денеска кажа дека обвинението против него е тотално паушално. Во име на својот клиент побара праведна казна за сторителите кои му го убија детето, а за клиентот ослободителна пресуда.

    Туфегџиќ кажа дека Обвинителството во ниеден момент, со ниеден доказ не го поткрепи тврдењето дека Алекдандар му дал на Палевски информации за времето на излегување на Вања сама за на училиште.

    „Нема доказ за комуникација меѓу нив и ова е опасна претпоставка и преседан. Таткото е оштетен,  исто како и мајката Зорица. Тој е посветен родител, поврзан со децата, што го потврдија не само Зорица, туку и сведоците“, кажа Туфегџиќ.

    Тој го критикуваше обвинението дека е  недокажан мотивот – киднапирања и убиства за користољубие, па праша како го поврзале Александар со овој непостоечки мотив?

    „Обвинителството се обиде да го понижи Александар како недостоен да биде татко, неработник и е наркозависник, поранешен слаб ученик со слаби оценки“, реагираше адвокатот.

    Тој ги конфронтираше тезите на Обвинителството со сведочењето на Зорица, мајката на Вања, и кажа дека најдобар демант на неоснованите обвинувања на Александар се токму изјавите на Зорица.

    За останатиот дел од обвинението, Александар Ѓорчевски преку својот адвокат кажа дека од снимките и доказите, јасно се гледа дека Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се сторители на монструозните кривични дела. Но дека нема ни најмал доказ за поврзаност на Александар со обвинетите, кои не ги ни познава.

    Игор Ефремов, адвокатот на  Влатко Кешишев, обвинет како и Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски и Велибор Манев за грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски од Велес на 22.ноември 2023 и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември 2023, побара ослободителна пресуда за клиентот.

    „Кешишев не е ни извршител, ни соизвршител како на грабнувањата, така и на убиствата на Вања и Панче. Тоа произлезе како од доказите на Обвинителството, така и од изјавите на сведоците и обвинетите. Тој бил потчинет на Палевски, задолжен да му готви”, кажа Ефремов во завршниот збор на денешното судење.

    Претходно завршни зборови дадоа адвокатите на Манев и на Видевски.

    Ефремов кажа дека Кешишев чувствувал страв од Палевски, кој често не му дозволувал да оди дома во Штип да ги види децата. Не му било дозволено од Палевски ни да оди во Хрватска, откаде му била понудена работа како готвач. Од страв останал да работи во просториите на партијата на Палевски „Десна“, без никаков надомест.

    Кога копал дупки во Велес (кај што беше пикнат и затрупан Панче Жежовски), Кешишев мислел дека бараат злато. Не знаел дека по 5 дена ќе грабнуваат лице, а уште помалку дете, рече адвокатот. Секогаш бил држен настрана и со забрана да прашува и да се интересира што планираат тројцата сопартијци Палчо, Манев и Видевски.

    Тој многу жалел за убиеното девојче и бил оној кој ја однел полицијата на местото кај што е закопана, додаде бранителот Ефремов и побара ослободителна пресуда за Кешишев.

    Првообвинетиот Палевски ќе дава завршен збор на 20 јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира