115 ДЕЦА ВО КОЧАНИ СЕ НА ЛИСТА ЗА ГРАДИНКА, А МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ЦЕЛ МЕСЕЦ НЕ ДАВА СОГЛАСНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НЕГУВАТЕЛКИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КРСТЕВСКИ

    115 ДЕЦА ВО КОЧАНИ СЕ НА ЛИСТА ЗА ГРАДИНКА, А МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ЦЕЛ МЕСЕЦ НЕ ДАВА СОГЛАСНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НЕГУВАТЕЛКИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КРСТЕВСКИ„Повторно не се гласа за меѓуопштинска соработка, слушам само навреди и обиди за физички пресметки, нешто што е недозволиво“, вели Крстевски

    Министерката за финансии цел месец не одобрува вработување на 26 воспитувачки, негувателки и готвачи за градинката во Кочани, вели в. д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски. Писмото до Министерството за финансии го испратил на 17 мај и досега немало никаков одговор од Скопје. Од персоналот што недостига, 20-мина биле за новата градинка, а шестмина се замена за тие кои одат во пензија.

    За разлика од Министерството за финансии, Министерството за социјална политика, демографија и млади експресно одговорило потврдно на барањето за ставање во функција на новиот објект на градинката, во која треба да се згрижат 115 деца.

    „Немаме согласност од Министерството за финансии за да ја отвориме новата градинка, во која ќе се згрижат 115 деца и ќе нема листа на чекање. Младите брачни парови ќе го решат овој горчлив проблем за нив“, вели Крстевски.

    Тој додава дека има опструкции и од инспекторските служби, кои не ја вршат својата работа во делот на угостителските објекти и нивната легалност, а за денешниот инцидент во Советот на Општината рече дека советниците повторно не гласаат за меѓуопштинска соработка

    „Слушам само навреди, обиди за физички пресметки, нешто што е недозволиво. Јас како градоначалник нема да го дозволам тоа“, вели Крстевски, кој за в. д. градоначалник беше избран од листата на независни советници.

    На денешната седница на Советот, вработена во Општина Кочани беше повредена во инцидентот во кој учествуваа советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) и советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мирче Стојков.

    Како што објави „Мета“, Акиов влегол во вербална расправија со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, поточно со Стојков, а темата била односот помеѓу општината и инспекциските служби. Стојков го обвинил Крстевски за селективно постапување во однос на инспекциските служби и меѓуопштинската соработка.

    По оставката и притворањето на претходниот градоначалник на Кочани, Крстевски беше избран за в. д.  градоначалник како самостоен советник на 14 април.

    Крстевски вчера до Кочанското обвинителство поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои вели дека работат надвор од законски прописи и стандарди, апелирајќи дека е загрозена безбедноста на жителите и гостите и дека институциите не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.

    На 16 март, во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, која работела надвор од сите законски прописи и стандарди, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.

    „Три месеци после таа ужасна трагедија, во Кочани сѐ уште имаме угостителски објекти кои работат надвор од законските прописи и стандарди. Трагедијата која се случи во Кочани е плод на институционални пропусти и корупција, која се случувала сите овие години. Жал ми е што многу угостители сѐ уште не се освестуваат, жал ми е што многу институции сѐ уште не постапуваат соодветно на нивните надлежности“, рече Крстевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира