Израелската војска објави дека го признава прекинот на огнот со Иран и сега го враќа фокусот кон Газа. Шефот на генералштабот Ејал Замир кажа дека војската заклучила значајна фаза, но кампањата против Иран не е завршена.
„Влегуваме во нова фаза заснована врз постигнувањата од сегашната. Го уназадивме иранскиот нуклеарен проект за многу години, а истото важи и за ракетната програма“, изјави Замир.
Тој ги опиша акциите на израелската војска како феноменални постигнувања и додаде:
„Го враќаме нашиот фокус кон Газа, со цел да ги вратиме заложниците дома и да го растуриме режимот на Хамас“.
И иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вечерва кажа дека го признава примирјето, кое се чини дека се почитува, откако Израел утрово го обвини Иран за негово кршење и се закани дека жестоко ќе возврати. Откако двете страни беа искарани од Доналд Трамп, Бенјамин Нетанјаху потврди дека Израел ќе се воздржи од натамошни напади.
„Израелската влада се согласи со предлогот за прекин на огнот откако ги постигна целите на нападите врз Иран. Ја отстранивме двојната непосредна егзистенцијална закана од Иран, од нуклеарното оружје и балистичките ракети, му нанесовме сериозна штета на военото раководство и уништивме десетици цели на централната иранска влада“, соопшти израелската влада.