Инспектор од Министерството за внатрешни работи (МВР) ги нападнал советничката Ирена Витина и вработен во Град Скопје откако бил фатен како прави див приклучок на вода, вели градоначалничката Данела Арсовска. Таа на својот фејсбук профил објави видео од нов див приклучок на вода и како советничката Витина бара помош од МВР бидејќи била физички нападната.
„Град Скопје при вонредна теренска контрола, затекна лице кое е инспектор во МВР кој во тој момент нелегално се приклучува на мрежа на ЈП ‘Водовод и канализација‘, постапка што претставува кривично дело и директна штета врз јавниот имот. Воедно, од инспекторот на МВР физички и вербално беа нападнати советничката Ирена Витина и уште едно лице од инспекторатот на Град Скопје, пред очите на униформирани полицајци кои не постапуваа при нападот каде сторител беше нивниот колега инспектор од МВР“, соопштија од Град Скопје.
Од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за расчистување на случајот“.
Арсовска во објавата на својот фејсбук профил вели дека секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува. Таа додава дека проблемот со немање вода не е до „Водовод и канализација“ туку од бунарскиот систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат.
„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е рекордни 356.000 метри кубни на ден, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“, вели Арсовска.
Градот се соочува со слаб притисок на вода. Жителите на населбата Водно два дена немаат вода, а без вода остана и претседателската резиденција на Водно.
А. АНТЕВСКА