Премиерот Христијан Мицскоски кажа дека Бугарија сака да ја уништи македонската нација и идентитет, а тоа се покажало и денеска, откако Европскиот парламент го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година. Во конечната верзија на текстот се отстранети сите референци за „македонскиот јазик и идентитет“, кои претходно беа вклучени во нацрт-верзијата усвоена од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на 24 јуни. Известувачот за земјава во Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц, по гласањето изјави дека некои бугарски европратеници го киднапирале извештајот за домашни политички цели.
На вонредна прес-конференција во седиштето на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе не сака никогаш, никој да му споменува дека бугарското малцинство е проблем.
„Тие неколку стотини луѓе, дали биле во Устав или не, не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме. Суштината е повеќе од тоа, и тоа се виде со овие чекори кои ги презеде нашиот сосед“, рече Мицкоски, велејќи оти на Европа можеме да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина.
Изминатиот период, пред на 24 јуни да се гласа за извештајот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), бугарските европратеници заради политички притисок, заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“, алудирајќи дека тој е новосоздаден, модерен/сегашен јазик. Откако Комитетот ги одби тие амандмани и го изгласа извештајот, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарна седница на Европскиот парламент кога конечно се усвои извештајот.
Мицкоски кажа, дека „на површина излегоа и оние кои измислуваа за наводни реформи кои излегуваат и наводно за бугарско малцинство кое треба да влезе во Устав и бегаа од суштината“.
„Тие совршено знаеја што е суштината на овие барања, а поврзани со последниот предлог. Услови кои ги нема за никого, сите знаевме, и сега само ги соочивме со нив на еден наједноставен начин“, рече Мицоски.
Мицкоски рече дека Бугарија работи против нас и „денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век“.
„Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија. Но, таа блокада не почна денеска, ниту ќе заврши денеска. Таа почна во 1991 година, се случи еден гест од Бугарија на посебноста на една држава, но не се признава јазикот и народот. Бугарија ја призна нашата држава, но не и нашата нација. Требаше да видат некои политичари дека источниот сосед има поинаква агенда. Јасен показател ни е дека имаат јасна агенда и план, и дека сакаат да ја уништат македонската нација и идентитет. Ние сме вистинската страна на историјата, а Бугарија видовме дека знае да ја ‘утне’ вистинската страна. Оваа борба ниту почнува, ниту завршува денеска“, рече Мицкоски.
Тој во вонредното обраќање од седиштето на партијата се заблагодари до пријателите од ЕУ кои помагаат и сакаат земјава да стане членка на ЕУ.
„Нема да ве разочараме. Најавувам низа активности и очекувам сојузништво дека со МАНУ, партиите од другите етнички заедници, опозициската СДСМ и другите кои сакаат да помогнат, и да покажеме на светот дека сме тука и дека сѐ уште стоиме и после сѐ“, додаде Мицкоски.
А. АНТЕВСКА