АВИОНОТ НА „ЕР ИНДИЈА“ ПАДНА ОТИ ВЕДНАШ ПО ПОЛЕТУВАЊЕТО СЕ ИСКЛУЧИЛЕ ПРЕКИНУВАЧИТЕ И МОТОРИТЕ ОСТАНАЛЕ БЕЗ ГОРИВО, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ

    АВИОНОТ НА „ЕР ИНДИЈА“ ПАДНА ОТИ ВЕДНАШ ПО ПОЛЕТУВАЊЕТО СЕ ИСКЛУЧИЛЕ ПРЕКИНУВАЧИТЕ И МОТОРИТЕ ОСТАНАЛЕ БЕЗ ГОРИВО, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТАвионот на „Ер Индија“, „боинг 787-8 дримлајнер“, се урна на 12 јуни и загинаа најмалку 260 луѓе, меѓу кои и 19 во хостелот врз кој падна, во северозападниот град Ахмедабад. (Фото: АП)

    Прекинувачите за контрола на горивото на моторите на авионот на „Ер Индија“ што се урна минатиот месец биле преместени од позиција „работи“ во позиција „исклучи“ неколку моменти пред падот, со што двата мотора останале без гориво, се вели во прелиминарниот извештај од истрагата. Извештајот, издаден од Бирото за истрага на авионски несреќи на Индија, исто така посочува дека двајцата пилоти биле збунети околу промената на поставката на прекинувачот, што предизвикало губење на потисокот на моторот кратко по полетувањето.

    Авионот на „Ер Индија“, „боинг 787-8 дримлајнер“, се урна на 12 јуни и загинаа најмалку 260 луѓе, меѓу кои и 19 во хостелот врз кој падна, во северозападниот град Ахмедабад. Само еден патник ја преживеал несреќата, британскиот државјанин Вишвашкумар Рамеш, кој избегал низ отвор во трупот на паднатиот авион. Ова е една од најтешките воздухопловни катастрофи во Индија.

    Авионот превезувал 230 патници – 169 Индијци, 53 Британци, седум Португалци и еден Канаѓанец – заедно со 12 членови на екипажот.

    Според извештајот, летот траел околу 30 секунди помеѓу полетувањето и падот. Во него се вели дека откако авионот ја достигнал својата максимална регистрирана брзина, „прекинувачите за исклучување на горивото на Моторот 1 и Моторот 2 преминале од позиција ‘работи’ во позиција ‘исклучи’ еден по друг“ во рок од една секунда. Во извештајот не се наведува како прекинувачите можеле да се префрлат во позицијата за исклучување за време на летот. Движењето на прекинувачите за контрола на горивото овозможува и го прекинува протокот на гориво до моторите на авионот.

    Прекинувачите биле вратени во позицијата ‘работи’, се вели во извештајот, но авионот не можел доволно брзо да добие моќност за да го запре спуштањето откако почнал да губи надморска височина.

    „Еден од пилотите емитувал тревога (MAYDAY MAYDAY MAYDAY), се вели во извештајот. Аудио од пилотската кабина детално опишано во извештајот укажува на конфузија меѓу двајцата пилоти неколку моменти пред несреќата: во гласовната снимка, едниот се слуша како го прашува колегата зошто „го направил исклучувањето“ – другиот пилот одговара дека не го сторил тоа.

    Прелиминарниот извештај не препорача никакви мерки до компанијата „Боинг“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира