Израелска граната вчера падна во комплексот на единствената католичка црква во Појасот Газа, при што загинаа три лица, а беа ранети уште 10, меѓу кои и и парохискиот свештеник, според црковните претставници. Покојниот папа Фрањо, кој почина во април, редовно разговарал со парохискиот свештеник за цивилните жртви од војната. Црковниот комплекс е засолниште и за христијани и за муслимани, меѓу кои и голем број деца со попреченост.
Гранатирањето на католичката црква „Свето семејство“ во Газа го оштетило и црковниот комплекс, каде што стотици Палестинци се засолнуваат од 21-месечната војна меѓу Израел и Хамас. Израел изрази жалење за она што го нарече несреќа и рече дека истражува.
Папата Лав XIV вчера го повтори својот повик за итен прекин на огнот, говорејќи за нападот. Во телеграма со сочувство за жртвите, Лав изрази „длабока надеж за дијалог, помирување и траен мир во регионот“. Папата рече дека е „длабоко растажен од информацијата за загубата на животи и повредите предизвикани од воениот напад“ и ја изрази својата блискост со ранетиот свештеник, преподобниот Габриел Романели, и целата парохија.
Претседателот Доналд Трамп го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да го изрази своето разочарување поради нападот врз црквата, соопшти Белата куќа. Нетанјаху подоцна објави соопштение во кое се вели дека Израел „длабоко жали што залутана муниција ја погодила црквата ‘Свето семејство’ во Газа“.