НИКАКО ДА СЕ ИЗВРШИ АНАЛИЗА НА ВОДАТА ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ДАЛИ ИМА ЦИЈАНОТОКСИНИ, ИСПИТУВАЊАТА ВО БЕЛГРАД ЧИНАТ 110 ЕВРА

    НИКАКО ДА СЕ ИЗВРШИ АНАЛИЗА НА ВОДАТА ВО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ДАЛИ ИМА ЦИЈАНОТОКСИНИ, ИСПИТУВАЊАТА ВО БЕЛГРАД ЧИНАТ 110 ЕВРАВо извештајот на Хидробиолошкиот завод од Охрид е констатирано дека во езерото има цијанобактерии. (Фото: СДК.МК)

    Потребно е да се изврши испитување од стручна институција која ќе докаже дека во водата на езерото Младост нема цијанотоксини. Ова го покажа последниот извештај на Центарот за јавно здрвје во Велес. Истата констатација се повторува во извештаите, но надлежните ништо не преземаат да се изврши неопходната анализа.

    На Балканот единствената лабораторија која можеше да изврши таква анализа беше во Словенија. Од пред извесно време се прави и во Институтот за јавно здравје „Батут“ во Белград. Во извештајот на Хидробиолошкиот завод од Охрид е констатирано дека во езерото има цијанобактерии.

    „Се консултирав со високонаучна образовна институција во Македонија дали тие можат да извршат анализа во нивната лабораторија. Има некои најави дека може да се изврши во Македонија, но не би сакала да зборувам предвреме. Воведување нова метода бара време и од институцијата замолија за трпение“, кажа Антоанета Стојанова од ЈВП „Лисиче“, кое стопанисува со водата на акумулацијата Младост.

    Досега во јавноста немаше одговор колку чини анализата која ќе покаже дали водата содржи цијанотоксини. Но, стручните лица потенцираат дека следењето на водата не се прави само еднаш, туку континуирано, во подолг временски период, во одредени делови од годината. Пребарувањето на ценовникот на Институтот „Батут“ покажа дека четири анализи чинат околу 13.000 српски динари или 110 евра.

    Кога пред неколку години се открија цијанобактерии во Беровско Езеро, за кратко време водата се анализираше за да може истата да се користи, меѓу другото и за пиење. Владата издвои 10 милиони денари за решавање на проблемите на езерото Младост.

    „Пет милиони денари се за бушотини од каде ќе се врши дотур на нова вода, еден милион денари е за чистење на површината на водата од пластите изумрена биомаса, трева и алги. Четири милиони се за промена на вентилот на браната на акумулацијата, средствата се по програми и наменски и не може да се користат за други цели“, вели Ване Маневски, директор на ЈВП „Лисиче“.

    Општина Велес предвиде три милиони денари за чистење на коритото на Отовичка Река и заливот. Во мај се набавија три вида аератори, шест водоскоци кои ја исфрлаат водата во височина, два со пропелери кои прават површинска аерација и две турбини кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина. Тие требаше да овозможат збогатување на водата со кислород. Но, отпосле се констатирало дека тие можат да се користат само ако има отсуство на цијанофити во водата.

    Отовичка и Рудничка Река, кои го полнат езерото, се суви, па довод на вода нема. Блиското езеро Јарбош, кое своевремено беше создадено за дотур на вода во Младост, е неискористено, иако мештаните од околната населба велат дека Јарбош имал вода. Бушотините кои се планираат треба да бидат по коритото, околу двете реки кои се пресушени. Добиена била согласност од Министерството за животна средина за механичко отстранување на пластите од површината, но и на изумрените трски и исушените дрвја на крајбрежјето. Санација на темелниот испуст на браната е сложена техничка интервенција. Во 2013 биле поставени два нови затворачи, кои не биле функционални.

    Колекторскиот систем, кој е наменски да ги собира отпадните води од селата Кумарино, Сујаклари и Отовица и од објектите околу езерото Младост, има повеќе констатирани пропусти. На одредени места шахтите биле под нивото на езерото и фекалиите од нив се излевале во водата. Од 285 евидентирани објекти во населбата Отовица, 75 не биле вклучени во системот за собирање отпадни води.

    Водата во Младост на четирите плажи и годинава, според анализите на Центарот за јавно здравје во Велес, е со лош квалитет. Споредено со лани, има тенденција за влошување. Плажите се пусти и празни, гости нема. Со помош на неколкумина ентузијасти поставени се пумпи кои ја вшмукуваат пифтиестата материја од површината и ја преработуваат. Материјата се складира надвор од езерото, а чиста вода се враќа во него. Поради тоа, годинава нема толку многу пифтиеста маса која плива по површината.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат уште лани ја забрани водата за капење, но и за полевање и наводнување. Овој период нивото на езерото е значително намалено, но од ЈВП „Лисиче“ велат дека е во рамките на биолошкиот минимум.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира