После оружената престрелка на тетовските улици кога едно лице беше убиено, две лица учесници во пукањето беа ранети, а повредени беа и двајца случајни минувачи од кои едно малолетно девојче беше рането во ногата, тетовската полиција и ЈО презедоа опсежна акција за пронаоѓање на другите учесници во овој настан.
„Во врска со вооружена престрелка во Тетово, ве известуваме дека лишени од слобода се три лица. При претрес на повеќе локации во с. Гајре, тетовско, најдени се предмети кои се од интерес на истрагата. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на предмети и други лица кои биле вмешани во престрелката“, соопштуваат од СВР Тетово.
Од Јавното обвинителство на Тетово, пак, соопштуваат за кои кривични дела се соминачат овие лица и даваат повеќе детали како се одвивала вооружената пресметка, во кои учествувало и дете.
„Јавен обвинител од ОЈО Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице кое е осомничено дека сторило кривично дело – Убиство по член 123 став 2 точка 3, потоа Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 и Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За истите дела со него како соизвршител е осомничено и едно дете за кое е поведена постапка согласно Законот за правда за децата“, вели Обвинителството. .
Наредба за спроведување истражна постапка е донесена и против две лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство (во обид) по член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19, потоа Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 и Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 10 август, на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, првиот осомничен и детето во судир со законот, родено во 2010 година, со умисла, како соизвршители и со употреба на огнено оружје – автоматски пушки кои на граѓаните им се забранети, лишиле од живот едно лице, а го довеле во опасност и животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени.
Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил „Голф“ со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектила завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил со тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот.
Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година кое се затекнало во непосредна близина, по што осомничениот заедно со детето во судир со законот се оддалечиле од местото.
„Иако бил ранет од престрелката, вториот осомничен и уште едно лице извадиле огнено оружје – пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди во торакалниот дел, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена“, се вели во соопштението испратено од ЈО Тетово.
За сите осомничени, вклучувајќи го и детето во судир со законот, јавниот обвинител предложи, а Судот одобри мерка притвор.
З. АНДОНОВ