Мртви верверички, кошмари и полноќни мисли: изложбата во Кралската Витлеемска болница, најстарата психијатриска болница во Англија, истражува како пациентите долго време преку уметност се бореле со несоницат и кошмарите. Болницата за првпат претстави дела од своите пациенти, на изложба која ги истражува сонот, соништата и кошмарите.
„Помеѓу спиењето и будењето“, во Музејот на разумот во Кралската Витлеемска болница, се заснова на два века работа, од кои голем дел се создадени од пациенти кои биле на лекување во болницата. Меѓу нив има Ода за мртва верверица која била домашно милениче, напишана од човек кој се обидел да го убие кралот Џорџ Трети, како и современи инсталации направени од чаршафи, испишани со мисли кои се јавуваат доцна во ноќта.
Сместен во склоп на Кралската Витлеемска болница, која работи од 1403 и инспирирала безброј културни прикази на лудилото – особено „Бедлам“, хорор филм од 1946 со Борис Карлоф во главната улога – музејот ги поврзал овие уметнички дела со истражување на најчестите типови соништа што се споделуваат низ културите.
Едно од највпечатливите изложени дела е „Кошмар“ (1953) од Вилијам Курелек, канадски уметник кој бил лекуван во Лондон во раните 1950-ти. Неговите платна служеле како еден вид дијалог со неговите лекари – визуелни обиди да ги мапира неговите внатрешни ужаси.
„Тој за неговите лекари сликал сцени во кои се обидувал да им ги објасни сите негови преокупации и тешкотии, а особено оваа слика наречена ‘Кошмар’ е збир од сите бројни кошмари што го прогонувале во тоа време. Ова е навистина вознемирувачки приказ на него како замислува како би било ако го имал татко му – со кого имал тежок однос – на милост и немилост, а тој си ја удирал главата со камен“, вели Колин Гејл, директор на Музејот.
Изложбата дава и простор на искуството со несоница. Инсталацијата „Ноќни плими“ на Кејт Мекдонел е монументална, изработена од јоргани, навлаки за перници и постелнина, исцртани со френетични, повторувачки редови текст, од типот на ирационални грижи што се појавуваат во раните утрински часови.

Меѓу делата има ода за мртва верверица која била домашно милениче, напишана од човек кој се обидел да го убие кралот Џорџ Трети. (Фото: Кралска Витлеемска болница)
„Ова уметничко дело е за несоницата и чудната состојба што нè зафаќа среде ноќ. Направено е од јоргани, навлаки за перници и постелнина и сè е напишано со тие вознемирени мисли што ги имаме, ирационалната чудност што несоницата навистина ја генерира. И голем дел од мојата работа отелотворува непријатни, неопипливи чувства“, вели Мекдонел.
„Она што се надевам дека луѓето ќе го добијат од ова дело е дека не се сами во она што го чувствуваат“, додава таа. „Бидејќи мислам дека тоа е универзална вистина што секој ја искусил, несоницата на некој начин. И ми се допаѓа тој вид врска што сите ја имаме како човечки суштества, без разлика дали сте многу млади или многу постари.“