Американскиот претседател Доналд Трамп ги поврза понатамошните санкции на САД против Русија со тоа што сите земји од НАТО ќе треба наметнат високи царини за увоз од Кина и ќе престанат да купуваат руска нафта.
„Подготвен сум да воведам големи санкции против Русија кога сите земји од НАТО ќе се согласат и ќе почнат да го прават истото, и кога сите земји од НАТО ЌЕ ПРЕСТАНАТ ДА КУПУВААТ НАФТА ОД РУСИЈА“, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут соушал. Ова би помогнало да се стави крај на она што Трамп го нарече „смртоносна, но апсурдна војна“ – заедно со земјите од НАТО кои воведуваат царини од 50% до 100% за увозот од Кина, додаде тој. Тие потоа би биле укинати кога ќе заврши војната меѓу Русија и Украина, продолжи Трамп. Кина има голема моќ над Русија, а овие царини би ја нарушиле таа контрола, според претседателот.
Трамп постојано ги критикува европските земји за нивните договори за нафта со Русија. Според неколку медиуми, тој повикал на прекин на договорите за нафта во телефонски разговор пред околу две недели, тврдејќи дека Русија ги користи за финансирање на својата војна против Украина.
Исто така, тој ги повикал земјите да извршат притисок врз Кина.
Иако Европската Унија во голема мера го забрани увозот на руска нафта, таа дозволува исклучоци за Унгарија и Словачка. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Трамп имал право да биде огорчен што двете земји-членки на ЕУ продолжуваат да купуваат руска нафта. Според него, добро е што САД и Европа сакаат уште поблиску да ги координираат своите санкции против Русија во иднина, а не само да стават крај на оваа практика. За време на консултациите со САД, Европејците се согласија и да разгледаат санкции против земјите што ја поддржуваат руската економија или ѝ помагаат да ги заобиколи санкциите, рече Макрон. Во овој контекст беше спомената и Кина.
Според податоците на ЕУ, трговијата со нафта на Европа со Русија нагло се намали во последните години, но не е целосно прекината. По целосната инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година, ЕУ воведе обемни забрани за увоз на руски извори на енергија како што се јагленот и нафтата. Сепак, тие не се однесуваат на суровата нафта што се транспортира преку цевководи. Рускиот нафтовод „Дружба“ продолжува да транспортира нафта до Унгарија и Словачка.