Суштината на овие избори е ДУИ засекогаш да биде испратена надвор од политичката сцена, изјави премиерот Христијан Мицкоски во гостување на Сител ТВ.
Тој ги коментираше кандидатурите за градоначалници на Левица во Тетово, Гостивар и Струга на локалните избори што се закажани за 19 октомври, обвинувајќи ја партијата дека со кандидатурата на свои градоначалници ѝ помага на ДУИ.
„Ако тие навистина се натпреваруваат да победат, а таму немаат ниту теоретски шанси да победат, во Тетово, во Гостивар и во Струга, зошто не извадат свој кандидат, еве да речеме во Велес?“ рече Мицкоски.
Тој вели дека на тој начин Левица ќе направи дисипација на гласовите што се против ДУИ.
„Зошто токму во Тетово? Зошто токму во Гостивар и во Струга каде што ниту тетовци, ниту гостиварци ниту стружани ќе гласаат за партија којашто се нарекува ДУИ. Тоа е суштината. За да ја намалат силата на анти-ДУИ гласовите, за да може ДУИ во првиот круг да исплива на површина.“, вели премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ која во неколку општини со мнозинско албанско население не истакна свои кандидати, туку ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на „Вреди“ од владината коалиција.
„Тоа ќе го препознаат граѓаните и веќе го препознаваат, дека нашата цел на овие избори е она развластено ДУИ да биде поразено и засекогаш испратено надвор од политичката сцена во Македонија. Тоа е суштината на овие избори“, рече Мицкоски