ШЕСТ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ БЕЗ КАНДИДАТИ

    ШЕСТ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ БЕЗ КАНДИДАТИПоднесени се 10 листи со кандидати за советници за Советот на Општината кој ќе брои 31 советник.(Фото:СДК.МК)

    Општинската изборна комисија за Општина Тетово ги утврди конечните кандидати за градоначалници и листите за советници во Советот на Општината за претстојните локални избори. За местото градоначалник на Општината утврдени се 6 кандидати, а има 10 листи со кандидати за советници за Советот на Општината кој ќе брои 31 советник. ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ немаат свои кандидати за градоначалник, туку само листи за советници.

    Кандидатура за градоначалник поднесоа Билал Касами од коалицијата „Вреди“, Бајрам Реџепи од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), и меѓу овие двајца кандидати се очекува да се води главната битка за местото градоначалник. Своја кандидатура за градоначалник поднесоа и Изет Зејнеловиќ од партијата Демократи, Катка Божиновска од Левица, Самка Ибраимовски од коалицијата „Искуство за успех“ на партиите Либерално-демократска партија (ЛДП), Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), Интегра-македонска конзервативна партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите, како и Стевица Сарковски од ВМРО-Народна партија.

    Општинската изборна комисија ги потврди и доставените листи за советници за Советот на Општината од страна на  Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“, партијата Левица, Движењето ЗНАМ, Демократската партија на Турците во Македонија, коалицијата предводена од СДСМ, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-Народна партија“, коалицијата „Искуство за успех“ (ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР), коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ и од коалицијата „Вреди“.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира