САКАМ ДА СНИМАМ ВО МЕКСИКО ОТИ БУДИ СИЛНИ ЕМОЦИИ, ГО ИМАМ ИСТОТО ЧУВСТВО И ЗА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ СЛАВНИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ДАРИУС КОНЏИ ВО БИТОЛА

    САКАМ ДА СНИМАМ ВО МЕКСИКО ОТИ БУДИ СИЛНИ ЕМОЦИИ, ГО ИМАМ ИСТОТО ЧУВСТВО И ЗА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ СЛАВНИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ДАРИУС КОНЏИ ВО БИТОЛАКонџи вечерва ќе ја добие наградата Златна Камера 300 за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    Еден од годинешните лауреати на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, славниот кинематографер со иранско потекло Дариус Конџи, рече дека за Македонија има исто чуство како за Мексико, земја каде сака најмногу да снима.

    „Многу сакам да работам во Мексико, навистина ја сакам земјата и народот таму, сметам дека земјата е моќна емотивно, но и од она малку што го видов и од Македонија го имам истото чувство. Обично патувам ноќе и кога денес ги отворив очите кога го погледнав градот добив едно пријатно чувство“, рече Конџи.

    Конџи за првпат дојде во Македонија во 1993 како снимател на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, но не го доврши филмот и на негово место дојде францускиот колега Мануел Теран.

    Слушајќи ја денеска преведувачката на прес-конференцијата, тој рече дека жали што на публиката не може да ѝ се обрати на македонски јазик.

    „Да, ми се допаѓа македонскиот јазик, но за жал не го зборувам“, рече Конџи.

    Тој вечера допатува во Битола, а вечерва министерот за култура Зоран Љутков ќе му ја додели наградата Златна Камера 300 за животно дело.

    Конџи има снимено голем број познати филмови, меѓу кои и „Деликатесна продавница“, „Градот на изгубените деца“, „Седум“, „Крадење убавина“, „Евита“, „Плажата“, „Соба за паника“, „Сѐ друго“. Соработувал со бројни успешни режисери како Марк Каро, Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Алан Паркер, Нил Џордан, Вуди Ален, Роман Полански и други.

    Досега имал две номинации за Оскар за најдобар кинематографер за филмовите „Евита“ и „Бардо“, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (AСЦ), Британското здружение на кинематографери (БСЦ), две номинации за наградите Индипендент спирит и уште три за наградите Цезар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира