НЕМА ДА МУ ДОЗВОЛАМ НА ИЗРАЕЛ ДА ГО АНЕКТИРА ЗАПАДНИОТ БРЕГ, КАЖА ТРАМП

    НЕМА ДА МУ ДОЗВОЛАМ НА ИЗРАЕЛ ДА ГО АНЕКТИРА ЗАПАДНИОТ БРЕГ, КАЖА ТРАМПИзраелската влада во август одобри план за дополнително проширување на еврејските населби на Западен Брег (Фото: АП)

    Доналд Трамп му порача на Бенјамин Нетанјаху дека нема да му дозволи да го анектира Западниот Брег, кој моментално е окупиран од Израел. Израелскиот премиер денеска ќе одржи говор на Генералното собрание на Обединетите нации, што следува по бранот признавања на палестинската држава од западните земји.

    Нема да му дозволам на Израел да го анектира Западниот Брег, тоа нема да се случи. Доста беше, време е да се запре сега“, кажа Трамп.

    Израел се соочува со засилен меѓународен притисок да ја заврши војната во Газа, додека истовремено неговите крајнодесничарски министри бараат анексија на Западен Брег како начин да се уништи идејата за независна палестинска држава. Обединетите нации и Германија го предупредија Израел дека тоа е неприфатливо. Израелската влада во август одобри план за дополнително проширување на еврејските населби на Западен Брег, што уште повеќе би ја расцепкало оваа територија.

    Трамп ќе се сретне со Нетанјаху в понеделник и кажа дека договор за Газа е блиску.

    Доста сме блиску до договор за Газа, можеби и за мир“, рече тој.

    Обраќајќи се на Генералното собрание на ОН преку видеоповик бидејќи му е забранет влез во САД, палестинскиот претседател Махмуд Абас кажа дека се спремни да соработуваат со Трамп и другите светски лидери за да се спроведе мировен план за Израел и Палестина. Во изминатите денови палестинската држава ја признаа Велика Британија, Канада, Австралија, Португалија, Франција, Белгија, Луксембург, Малта, Монако, Сан Марино, Андора и Данска, што според Израел и САД е награда за Хамас.

    Хамас нема да има улога во идното управување“, нагласи 89-годишниот Абас.

    Арапските и муслиманските земји го предупредија Трамп дека ќе има сериозни последици во случај на анексија на Западниот Брег. Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан Ал-Сауд, кажа дека Трамп ја разбира оваа порака многу добро.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира