Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против едно лице од Русија, а со престојувалиште во Босна и Херцеговина, поради основано сомнение дека во земјава извршил кривично дело Изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Обвинителството, осомничениот во периодот од јули 2024 до 9 октомври 2025 година во Скопје во повеќе наврати му се заканувал на оштетениот дека дека не го врати неговиот наводен долг кон лице од Босна и Херцеговина, во вкупен износ од 300.000 евра, ќе му го загрози животот нему и на неговото семејство.
„Со намера да прибави противправна имотна корист за друго лице, со сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на еден оштетен, го присилил да му исплати износ од 20.000 евра. Осомничениот стапил во контакт со оштетениот со кој остварил повеќе средби, а на средбата на 09.10.2025 година од оштетениот зел 20.000 евра, по што бил лишен од слобода“, велат од Обвинителството.
Поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и врз оштетениот, како и ризик да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.