Скопје пак е затрупано во ѓубре. Од викендов камионите на ЈП „Комунална хигиена“ не го собираат ѓубрето, па контејнерите секаде се преполни. Со ѓубре се затрупани пешачките патеки и улиците околу контејнерите, бидејќи граѓаните немаат каде да го фрлаат ѓубрето, па го оставаат околу садовите.
Според неофицијални информации, камионите на ЈП „Комунална хигиена“ се расипани и затоа не излегуваат на улиците да чистат.
Градоначалничката Данела Арсовска веќе неколку месеци ја нема во јавноста.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, кој во првиот круг на локалните избори на 19 октомври имаше најмногу гласови, постојано вели дека штом стапи на функција за 72 часа ќе го исчисти градот.
Во Скопје градоначлник ќе се избере во вториот круг на 2 ноември меѓу Орце Ѓорѓиевски и кандидатот на Левица Амар Мациновиќ.
А. АНТЕВСКА