ЖЕНИТЕ СÈ ПОРЕТКО ОДАТ НА ПРЕГЛЕД ОТИ НЕМААТ ПРИСТАП ДО ГИНЕКОЛОГ, А КОНТРАЦЕПЦИЈАТА Е СКАПА ОТИ НЕ Е НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА

    ЖЕНИТЕ СÈ ПОРЕТКО ОДАТ НА ПРЕГЛЕД ОТИ НЕМААТ ПРИСТАП ДО ГИНЕКОЛОГ, А КОНТРАЦЕПЦИЈАТА Е СКАПА ОТИ НЕ Е НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТАНиту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови. (Фото: К. Попов)

    Од 2007 до 2024 година речиси за половина е намален бројот на посети во гинеколошките ординации, од 9.162 на 4.867 , а намалени се и гинеколошките посети при кои се ординираат контрацептивни средства, покажува извештајот на Службата за здравствена заштита на жените на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    „Податоците во нашата земја покажуваат намалување на вкупните гинеколошки посети, свеста за потребата и употребата на контрацептивни средства остануваат на ниско ниво. Потребна е едукација и информирање на младите девојки и момчиња за придобивките и значењето на контрацепцијата поради многу аспекти, а и заштита од сексуално преносливи инфекции. Затоа е важно да се обезбеди постојан пристап до квалитетни информации и контрацептивни услуги за сите жени и мажи, особено за младите“, вели ИЈЗ.

    Една студија во земјава поддржана од ОН покажа дека во Македонија нема средства за орална контрацепција (хормонални таблети) кои ги покрива здравственото осигурување. Жените и девојчињата мора да ја платат пазарната цена ако сакаат да го планираат семејството и спречат несакана бременост со овој метод.

    (Извор: Институт за јавно здравје)

    Од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) за овие намалувања велат дека внимателно ги следат трендовите и податоците што се однесуваат на гинеколошкото здравје во земјава.

    „Според извештаите на Институтот за јавно здравје, јасно се забележува тренд на намалување на бројот на гинеколошки посети во изминатите години, но оваа состојба е резултат на повеќе комплексни и меѓусебно поврзани фактори. Од една страна, дел од жените се пренасочуваат кон приватниот здравствен сектор, кој иако обезбедува значителен број гинеколошки прегледи, често не е вклучен во официјалните статистики. Тоа значи дека реалната слика можеби е поинаква од онаа што ја покажуваат бројките, но сепак, постои загрижувачки тренд на недоволен број редовни и превентивни прегледи, особено во одредени категории на жени.
    Од друга страна, значаен фактор што придонесува за овој пад е ограничениот пристап до гинеколог во одредени региони, особено во руралните и планинските средини. Таму каде што нема здравствени установи со гинеколошки служби или каде што е потребно долго патување за да се стигне до гинеколог, жените често се соочуваат со пречки кои ги одвратуваат од редовни прегледи“, ни рекоа од МАГО.

    Според Асоцијацијата, и финансиските бариери играат важна улога. Иако дел од услугите се покриени преку здравственото осигурување, сепак, постојат и дополнителни трошоци поврзани со прегледите – патни трошоци, отсуство од работа, трошоци за дополнителни испитувања – кои за некои жени се сериозна пречка.

    Дополнително, велат од МАГО, дел од жените немаат изградена навика за редовни превентивни прегледи. Многу често, гинеколог се посетува само кога ќе се појави здравствен проблем, а не со цел навремено откривање или превенција на потенцијални заболувања. Тука значајно влијание има и недоволната едукација за важноста на раното откривање на состојби како што се карциномот на грлото на матката, полипите, цистите и инфекции кои можат да имаат долгорочни последици по репродуктивното здравје.

    „Затоа, како Асоцијација, активно работиме на подигнување на јавната свест преку организирање на инфо-капањи, јавни трибини, соработка со медиуми и образовни институции, со цел да се информираат жените за потребата од редовни гинеколошки прегледи и за важноста на превенцијата. Особено сакаме да истакнеме дека преку проектот со мобилната гинеколошка амбуланта, каде што специјализиран тим оди директно на терен во рурални, маргинализирани и тешко достапни места, дојдовме до многу важни сознанија: жените сакаат да одат на преглед, но многу од нив немаат реален пристап до гинеколог. Ова искуство ни покажа дека бариерата не е (само) во недостигот на желба или интерес за здравствена грижа, туку во логистички и структурни пречки кои мора системски да се решаваат“, ни рекоа од МАГО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира