Премиерот Христијан Мицкоски вечерва кажа дека неговата партија на овие локални избори извојувала голема победа. На прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ рече дека победата е на измачениот народ и неговите надежи. Прогласи победа во Скопје, во скопски Карпош и Аеродром, во Чучер Сандево. Рече дека голема победа е издвојувана во Брвеница и Кичево. ВМРО-ДПМНЕ победи и во Валандово, Дојран и Крушево кои досега имаа градоначалници на СДСМ, како и во Кочани.
„Падна Фатмир Дехари, падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Покажавме што можеме ако се обединиме. Падна митот дека Кичево е нивно или наше. Оваа победа кажа дека народот е поголем од политиката. Таму соработувавме, различни вери, различни припадности, против оние кои го влечеа градот надоле. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните. На ова треба да работиме. Победи соживотот и вербата во вредности. Ова е голем и важен пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети. Јас вечерва од тука заминува за Брвеница и Кичево, таму ќе бидам со народот“, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски кажа дека ВЛЕН во Скопје не гласал за нивниот кандидат за градоначалник Орце Ѓорѓиевски, но тоа покажува дека никој не ги држи граѓаните во џеб.
„Јас не мислам дека ВЛЕН нè бојкотираше. Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Тоа што го видовме меѓу двата круга беше чесна заложба од нивна страна. Факт е дека не излегоа и не го поддржа нашиот кандидат Ѓорѓиевски, претпоставувам дека тоа била таква одлука на гласачите и тоа е што е“, рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека е свесен оти голем број граѓани не излегоа на овие избори и не гласаа за ниту една политичка опција
„Таа тишина ја слушнале и тоа е обврска во наредниот период да следат промени. Нема да ве убедуваме со зборови туку со дела“, додаде Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



