Некогашната национализирана фабрика на фамилијата Левков во Велес има оџак, а нема објект. Тој е остаток од фабриката „Вила Зора“ и се наоѓа во близина на Солено Чешмиче, во стариот дел на градот, под Којник.
Со години, поголемиот дел од зградата се срушил и од неа останало малку, а видлив е само оџакот. Времето го сторило своето, но спомените кај жителите останале. Семејствата наследници Левкови го санираа и сочуваа оџакот од паѓање. Тој низ времето се оштетувал и морало да се интервенира за да се сочува. Пред многу години фабриката е срушена, пред да им се врати на старите сопственици.
„Оџакот беше висок околу 20 метри, но горниот дел беше оштетен. Го саниравме, изолиравме и заштитивме од временски влијанија. Тој е обележје на градот, иако неоправдано не е ставен на ниту една листа на заштитено наследство. Со сопствени средства го исчистивме за да остане за следните генерации“, вели Петре Левков, кој заедно со Виктор Левков ја реализираше санацијата на оџакот.
Оџакот е остаток од некогашната фабрика „Вила Зора“, која тука била изградена во 1937 година и служела за производство на керамички цевки, црепови, саксии и украсни елементи. Германска фирма го градела оџакот, од кој денес е останат дел, а останатото било срушено од безбедносни причини пред дваесетина години, а дел е затрупан со земја.

Фабриката „Вила Зора“ била национализирана во 1945, кога завршува приказната за семејството Левков како производители (Фото: СДК.МК)
Левкови е стара велешка грнчарска фамилија, која според раскажувањата, два века се бавела со оваа работа, со што започнала во селото Бањица. Три нивни украсни предмети се наоѓаат и во турски царски музеј.
„Кога турскиот султан Мехмед Рашид се враќал од Косово со воз во 1912, минал низ Велес. Бидејќи сме имале дуќан на железничката станица, дедо ми Александар му подарил една фигура. Тој толку се воодушевил кога ја видел, што подоцна од Истанбул испратил лири како награда. На ова дедо ми испратил уште две фигури за султанот. Според кажувањата на музејските работници од Скопје, тие три фигури се наоѓаат во музејот во Топкапи, со посвета дека се од Левкови од Ќупрули, старото турско име за Велес, за турскиот султан“, вели Виктор Левков.
Фабриката „Вила Зора“ била национализирана во 1945, кога завршува приказната за семејството Левков како производители. Подоцна стана дел од фабриката за керамиди „Киро Ќучук“, пред да се затвори околу 1980 година. Иако нејзините производи биле квалитетни, а за фабриката се знаело на Балканот, новото време ги исфрлило од употреба земјените кумци, саксиите и ќуповите што тука се изработувале.
Плацот и оџакот со денационализација му се вратени на семејството Левков во 2001 година.
П. ПЕЧКОВ



