ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА МАЈКАТА КОЈА ГО НАПУШТИ ШЕСТМЕСЕЧНОТО БЕБЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС НА 40 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ

    ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА МАЈКАТА КОЈА ГО НАПУШТИ ШЕСТМЕСЕЧНОТО БЕБЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС НА 40 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ22-годишната мајка го оставила бебето на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано, а минувач го најде клупа кај јаворите во центарот на Велес. (Фото: СДК.МК)

    Затворска казна од четири години доби мајката која лани на 12 јули го остави шестмесечното бебе во центарот на Велес и побегна. Ова е пресуда на Основниот суд Велес, откако С. К. (22) е прогласена за виновна, осудена за кривично дело Запуштање и малтретирање на дете, а пресудата е правосилна.

    Според обвинението, таа со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување, го запуштила новороденото дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени Целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. Минувач го најде бебето на клупа во центарот кај јаворите. Тој го однел во Велешката болница, каде беше примено во тешка здравствена состојба. Докторите констатирале неухранетост, тешко било само 4.6 кила, во фебрилна состојба – со температура, поспано, дехидрирано, со сува кожа и очи, со пролив, со халонирани очи. Бебето немаше регистрирано име и презиме, ни Извод од матична книга на родени, ниту здравствена легитимација.

    Мајката се појавила во болница следниот ден и потоа ја снемало. Беше пронајдена и уапсена лани на 23 август. Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издадал наредба за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврдило дека обвинетата е биолошка мајка на бебето.

    Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Велес (МЦСР), ни одговорија дека бебето е згрижено во Битола.

    „Малолетното дете пронајдено оставено само на клупа во центарот на Велес на 12. јули 2024 година веднаш по завршувањето на болничко иследување и лекување и по отпустот од Општа болница Велес, од страна на ЈУ МЦСР Велес е предадено на стручните работници од ЈУ МЦСР Битола, како меснонадлежен Центар за социјална работа за детето, на понатамошно постапување, преземање потребни мерки и активности во насока на згрижување и заштита на правата и интересите на малолетно дете, бидејќи по целосни проверки во соработка со СВР Велес утврдено е дека мајката на детето е жител на Битола“, велат од МЦСР Велес.

    Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Битола не добивме одговор дали бебето добило име, извод од матична книга и здравствена легитимација.

    Основниот суд Велес донел казна затвор и во друг казнено-правен настан, пресуда за кривичното дело Напуштање на дете. Мајката С. К. (не е истата од претходниот случај) ја осудил на две години затвор, и казната е правосилна. Таа на 13 јануари 2023, како мајка го оставила само бебето кое имало три месеци и заминала во непознат правец. Додека сопругот бил на пат, возел камион, таа го напуштила домот не кажувајќи никому дека детето е само. Кога свекрвата дошла во нивниот дом, го затекнала бебето само, помодрено, со повраќаници, изѕемнато, по што го однела во болница. Обвинетата не била достапна, живеела во Германија, па ѝ било судено во отстуство и добила четири години затвор. Откако се вратила барала ново судење со нејзино присуство, признала вина, па добила две години затвор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира