Годинава Скопје ќе биде украсено за Нова година и ќе има новогодишна прослава за што ќе бидат потрошени 70.000 евра, кажа градоначалникот на главниот град Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот на Град Скопје за ребаланс на буџетот.
Со буџетот за 2025 година немаше предвидено пари за новогодишно украсување и прослава на Нова година, бидејќи ексградоначалничката Данела Арсовска не распишуваше тендер за китење. Градот минатите години се китеше 10 дена пред Нова година, но Арсовска никогаш не кажуваше кој кител и како е платен, кога немало тендер.
„Градоначалник, најавивте дека оваа година ќе го китите Скопје и дека ќе има забава за скопјани. Оваа, идеја доколку се работи за умерено трошење на пари, е за поздравување бидејќи жалните слики на Скопје пред празниците треба да ни бидат минато. Меѓутоа, не ни е јасно од која ставка во ребалансот се предвидени средства за изведувачите на прославата и колку се тие пари“, праша советничката од СДСМ Кети Штерјова.
Ѓорѓиевски одговори дека во моментов не знае точно од која програма се кратат пари за да има празнично украсување.
„За прослава на Нова година ќе има 70.000 евра. Сметам дека тоа не е премногу и е сосема нормално за да имаме една достоинствена прослава на новогодишните празници“, рече Ѓорѓиевски.
За китење на градот треба да се спроведе тендерска постапка на која ќе биде избрана фирма.
На денешната седница ребалансот на буџетот беше изгласан со еден глас „против“ и еден „воздржан“. Како што кажа градоначалникот Ѓорѓиевски ребалансот значи закрепнување на градот и јавните претпријатија и ќе овозможи плати за вработените.
„Овој ребаланс значи сериозна промена со кој буџетскиот дефицит го намалуваме за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции ги зголемуваме за речиси 98,9 милиони. Со овој ребаланс започнуваме и со реализација на ветените проекти како што се парк ,Христијан Тодоровски – Карпош во Бутел, и парк Лепенец. Предвидени се пари за реконструкција на улицата Фрањо Клуз, кружниот тек во Ѓорче Петров, трета лента на булеварот ,Александар Македонски, прва фаза на булевар Хрватска, булевар АСНОМ и клучката кај ,,Момин Поток”.Во буџетот има средства и за надомест на експропријација, со што конечно ќе се отвори патот и за реализација на поголемите булеварски решенија, меѓу кои и булеварот Борис Трајковски“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека долгот на Град Скопје и јавните претпријатија е 300 милиони евра.
А. АНТЕВСКА



