Жител на Неготино е обвинет за расизам зашто на социјалните мрежи повикувал на ромите да им се забрани гласање на избори. Обвинителството соопшти дека по спроведена претходна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривичното дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот 67-годишен жител на Неготино, на 20 октомври на профил и страница на социјална мрежа споделувал видеоснимка со која поттикнал омраза и дискриминација против лица врз основа на нивната етничка припадност. Во снимката користел повеќе навредливи зборови кон припадниците на ромската националност и повикувал да им се забрани да гласаат на избори“, вели Обвинителството.



