Кинеската канцеларија за национална безбедност во Хонгконг денеска ги предупреди странските медиуми да не шират „лажни информации“ или да „оцрнуваат“ напорите на владата за справување со најлошиот пожар во градот во последните речиси 80 години. Пред утрешните избори за законодавен совет во глобалниот финансиски центар, Канцеларијата за заштита на националната безбедност која ја водат високи функционери на кинеското Министерство за државна безбедност соопшти дека повикала голем број неодредени странски медиуми, критикувајќи го известувањето за пожарот во кој загинаа најмалку 159 лица во станбениот комплекс „Ванг Фук корт“.
Пожарот, кој избувна на 26 ноември, предизвика дебата за одговорноста на владата.
„Некои странски медиуми неодамна известуваа за Хонгконг, игнорирајќи ги фактите, ширејќи лажни информации, искривувајќи ја и оцрнувајќи ја работата на владата за помош при катастрофи и последиците, напаѓајќи и мешајќи се во изборите за законодавен совет, предизвикувајќи социјална поделба и опозиција“, се вели во соопштението.
Канцеларијата соопшти дека го свикала состанокот во согласност со законот за национална безбедност што Пекинг го воведе врз поранешната британска колонија во 2020, по масовните продемократски протести. Законот вели дека канцеларијата може да „преземе неопходни мерки за зајакнување на управувањето“ со странски субјекти, меѓу и новински агенции.
Денешниот состанок е прв ваков масовен собир на странски медиуми за да се соочат со критики од канцеларијата за нивното известување за одреден настан. Од протестите во 2019, кога милиони луѓе излегоа на улиците, властите во Пекинг и Хонгконг се борат против протести во градот, апсејќи опозициски демократи и затворајќи либерални медиуми и групи на граѓанското општество.
Националната безбедносна полиција на ХонгКонг денеска уапси маж, што е првото јавно потврдено апсење поврзано со критики кон властите за пожарот во кулите. Полицијата соопшти дека тој е обвинет за објавување „информации со намера за бунт“ на социјалните медиуми.
„Тоа главно вклучувало (материјали со намера да) поттикнат омраза меѓу (другите) кон владата на Хонгконг и централната влада“, изјави Стив Ли, главен началник на Одделот за национална безбедност на полицијата. „На пример, тој ги посочи Хонгконг и централната влада како поттикнувачи на искористување на трагедијата за предизвикување хаос и немири“, рече тој. „Тоа е нешто сосема невозможно“.
Локалните медиуми претходно објавија и други апсења, но властите не ги потврдија.
Средбата со медиумите денеска е во време кога властите се борат да го ограничат јавниот гнев поради пожарот, во кој лошиот надзор и неквалитетните материјали што се користеле при реновирањето се наведени како причини за разорното ширење на пожарот. Властите приведоа неколку активисти кои се залагаа за поголема одговорност на владата. Пекинг, исто така, ги предупреди луѓето да не ја користат катастрофата за „нарушување на Хонгконг“.
Хонгконг е рангиран на 140 место од 180 во Светскиот индекс на слободата на медиумите составен од групата за застапување „Репортери без граници“.
Медиумскиот тајкун од Хонгконг, 77-годишниот Џими Лаи, истакнат критичар на Кина, се соочува со потенцијална казна доживотен затвор во судење во врска со национална безбедност. Американскиот претседател Доналд Трамп изврши притисок врз својот кинески колега Шји Џинпинг на состанокот минатиот месец да го ослободи Лаи.



