„СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА НЕ ВЛЕЗЕ ВО ПОТЕСНИОТ ИЗБОР ЗА НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР

    „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА НЕ ВЛЕЗЕ ВО ПОТЕСНИОТ ИЗБОР ЗА НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР„Силјан“ беше македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм

    „Силјан“ на Тамара Котевска не влезе во потесниот избор за номинација за Оскар ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец.

    Потесните листи за номинација за Оскар во 10 категории вечерва ги објави Американската академија за филмски уметности и науки, Од овој избор на 22 јануари ќе бидат објавени петте филмови кои ќе добијат номинација за Оскар во овие категории.

    Кампањата за потенцијална номинација во двете категории почна откако во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.

    Според потесните листи што вечерва ги објави Американската академија за филмски уметности и науки, во конкуренција за номинација за Најдобар документарец ќе бидат „Решението за Алабама“, „Апокалипса во тропските предели“, „Соживот, жими газот!“, „Дојди види ме во добра светлина“, „Прикривање“, „Сечење низ карпи“, „Народни приказни“, „Држејќи го Лиат“, „Господин Никој против Путин“, „Истерувачка на љубовници“, „Моите непожелни пријатели: Дел 1 – Последен воздух во Москва“, „Совршениот сосед“, „Семиња“, „2000 метри до Андриивка“ и „Јануни“. Во оваа категорија годинава се квалификуваа рекордни 201 филм.

    Во категоријата Најдобар странски филм на потесната листа се „Белен“ (Аргентина), „Tајниот агент“ (Бразил), „Тоа бее само несреќа“ (Франција), „Звукот на падот“ (Германија), „Кон дома“ (Индија), „Тортата на претседателот“ (Ирак), „Кокухо“ (Јапонија), „Се што остана од тебе“ (Јордан), „Сентиментална вредност“ (Норвешка), „Палестина 36“ (Палестина), „Без избор“ (Јужна Кореја), „Сират“ (Шпанија), „Втора смена“ (Швајцарија), „Леворака девојка“ (Тајван) и „Гласот на Хинд Раџаб“ (Тунис).

    Доделувањето на Оскарите е на 15 март.

    „Силјан“ имаше светска премиера на годинешниот Венециски фестивал, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.

    Во 2020, документарецот „Медена земја“ на Котевска и Љубо Стефанов имаше историски две номинации за Оскар, како прв филм што беше номиниран и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира