Уставното име на соседната држава е Северна Македонија и Преспанскиот договор е дел од нејзиниот Устав, се вели во реакцијата на грчкото Министерство за надворешни работи (МНР) по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека го врати името Македонија на државата. Во реакцијата се вели Преспанскиот договор е апсолутно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво.
„Во меѓународните договори нема де факто ситуации, нивната примена е униформна и универзална. Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседот бараат строго придржување до договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на грчкото Министерство за надворешни работи.
Во реакцијата се вели и дека секој обид за фалсификување или менување на содржината на Преспанскиот договор нема да биде прифатен од грчката страна.
„Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа за мирен соживот на народите и државите“, додаваат од грчкото МНР.
Премиерот Христијан Мицкоски на 15 декември, гостувајќи во дневникот на телевизија Сител, рече дека го вратил името на државата, одговарајќи на прашање за критиките од опозициската СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а тоа не е сторено.
„Ги гледам, аха, не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи Преспанскиот договор. Па, еве го вративме. Дури и Венко, кому му беше устата полна со Северна сега користи Македонија. Дури и во СДСМ, кои потпишаа такви капитулантски договори како Преспанскиот и прифатија капитулација пред Бугарија, денес се најголемите патриоти, мислиш ќе тргнат да освојуваат територии, дотаму устата им е полна со Македонија, ниту еднаш не кажале Северна. Така што, еве го вративме“, рече Мицкоски.



