Со музичко-сценскиот проект „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“ во режија на Дејан Пројковски, на 29 декември Македонскиот народен театар (МНТ) ќе прослави 80 години постоење. Пројковски на денешната прес-конференција рече дека претставата ќе биде аудиовизуелно патување низ архетипски слики кои се дел од нашата колективна меморија, сè она што е поврзано со македонската драма, поезија, ликовната уметност, музиката, преведено на современ сценски јазик.
Ќе учествуваат 60 актери, 40-ина од ансамблот на МНТ, како и студенти по актерска игра, актери од други театри, оперски пејачи и деца од драмски студија. Ќе се изведува музика во живо, ќе има 3-Д мапинг, кореографија, анимации.
Пројковски рече дека одговорноста и возбудата се големи затоа што да се работи јубилеј на МНТ значи да се патува низ времето и на публиката да ѝ го претстави сето она што било важно во театарот, а со тоа и во македонската култура. Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.
„Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и ‘Буре барут’, ‘ММЕ кој прв почна’, ‘Среќна Нова ‘49’, ‘Кенгурски скок’, ‘Макавејски празници’ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ“, рече Пројковски.
Претставата во траење од два часа и 15 минути ги опфаќа и препознатливите народни приказни и митови, како Силјан Штркот, елементи на античката трагедија со рефлексии на Сердарот, Болен Дојчин, дел посветен на македонската поезија и драма, при што, рече Пројковски, дури и битовата драма и постарите драмски дела ќе прозвучат современо.
Композиторот Горан Трајковски, кому оваа претстава непланирано му е 100. јубилејна за која компонира авторска музика, рече дека музиката ќе биде интегрален дел од оваа театарска претстава и ќе се изведува во живо.
„Музиката се состои во два дела – претходно подготвена и музика која ќе се создава во живо како реакција на актерската игра и режисерските барања и за таа цел ангажиравме четворица музичари кои се дел од други театари или се слободни музичари“, рече Трајковски.
Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, сценските движења се на Олга Панго, а З-Д мапингот на Сергеј Светозарев.
По премиерата на 29 декември, две следни изведби ќе има на 15 и 16 јануари, а се планира овој мултимедијален проект да остане на репертоарот и во наредните месеци.
Б. НЕСТОРОСКА



