АПЕЛАЦИЈА ЈА ОТФРЛИ ЖАЛБАТА НА СЈО – ГРУЈОВСКИ ОФИЦИЈАЛНО ВО КУЌЕН ПРИТВОР

    АПЕЛАЦИЈА ЈА ОТФРЛИ ЖАЛБАТА НА СЈО – ГРУЈОВСКИ ОФИЦИЈАЛНО ВО КУЌЕН ПРИТВОР

    Скопје, 4 април, 2016 – (META) Апелацискиот суд Скопје денеска донел одлука со која се прогласил за ненадлежен по жалбата на Специјалното јавно обвинителство за куќниот притвор на началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски, првоосомничен во случајот „Тврдина“.

    Со ваквата одлука на Апелацискиот суд Горан Грујовски и официјално наместо притвор ќе издржува мерка куќен притвор.

    Апелациониот суд Скопје ги отфрлил како недозволени жалбите на СЈО и на одбраната на Грујовски на решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

    Во образложението на одлуката од Апелацискиот суд навеле дека решението на Кривичниот совет не било донесено во прв степен од постапката, со што по него не е дозволена жалба до повисок суд.

    „Апелациониот суд Скопје постапувајќи по жалбите на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) и на осомничениот Г.Г. изјавени преку неговите бранители против решението на Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција од 1 април 2016 година при овој суд, донесе решение со кое истите се отфрлаат како недозволени. Во образложението на решението на Апелациониот суд Скопје стои дека решението на Кривичниот совет на првостепениот суд КИОК-КС бр.39/16 од 1 април 2016 година не е донесено во прв степен за да по истото биде дозволена жалба до повисокиот суд, оттука првостепениот суд погрешно ги ценел и применил одредбите од членот 169 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Со ова решението на Основен суд Скопје 1 – Скопје станува правосилно со што ќе биде издадена наредба осомничениот Г.Г. да биде префрлан во куќен притвор“, стои во соопштението на Кривичниот суд за одлуката на Апелација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира