Израел никогаш нема да ги повлече сите свои трупи од Појасот Газа, изјави денеска министерот за одбрана Израел Кац на конференцијата организирана од продоселенички весник.
„Во Газа, Израел никогаш нема целосно да се повлече. Ќе има значајна безбедносна зона во Појасот Газа“, рече Кац на конференцијата организирана од весникот „Макор Ришон“.
Ова ќе остане така, дури и во случај на премин кон втората фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп и разоружување од Хамас, рече Кац. Безбедносната зона ќе се протега во рамките на Појасот Газа, рече Кац и додаде дека во северниот дел од крајбрежниот појас би можеле да се создадат израелски населби кои би ја заштитиле безбедносната зона.
Кац, член на десничарската партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, повторно им противречеше на елементите од мировниот план на Трамп, кој предвидува постепено повлекување на сите израелски трупи од Појасот Газа.
По критиките за слични забелешки дадени на 23 декември, се чинеше дека Кац се повлекува. Но, денеска тој на конференцијата изјави: „Одење наназад е нешто што го правам само кога возам“.



