Откако пред два месеца највисоката обвинителска власт не ја заштити обвинителката Ленче Ристоска од навредите на премиерот Христијан Мицкоски кон неа и од заканите за нејзин крај упатени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, таа по најновите квалификации од премиерот против неа, самата го извести Советот на јавни обвинители.
Претседателот на Советот, обвинителот Башким Бесими за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека само што пристигнало известувањето од Ристоска и оти тој не може во овој момент да каже дали ќе се отвори постапка или не.
„Советот на јавни обвинители е колективно тело. Известувањето од обвинителката коешто стигна предмалку треба прво да го разгледаме дали има основа или нема, па потоа да гласаме дали ќе се отвори постапка“, вели Бесими, кој во овој момент не можеше да даде одредница кога ќе се закаже седница на Советот.
Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда), вчера реагираше дека премиерот во ново интервју изнел навреди и неосновани професионални дисквалификации за неа, односно „неточни и понижувачки вредносни судови“, имплицирајќи дека е „медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица“, дека, како што вели, дополнително ја поврзал со целосно измислени тврдења за изјави кои не ги дала, „со очигледна тенденција да се доведе во прашање нејзиниот професионален интегритет“.
И овојпат побарала од Мицкоски јавно извинување и повлекување на спорните наводи.
„Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција“, вели обвинителката Ристоска, која застапува две обвиненија поврзани со партијата на Мицкоски, а тоа се „Талир 1“ и „Талир 2“ и се чувствува загрозена и притисната од овие напади од политичари.
- ТРГНАТА ЦЕНЗУРАТА ОД КОДЕКСОТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ, ВОВЕДЕНА ОТКАКО ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ГИ ИСКРИТУКУВА ПРЕТПОСТАВЕНИТЕ ДЕКА ГЛАСААТ ЗА ДОГОВОРЕНИ ИМИЊА
- ОБВИНИТЕЛКАТА ОД ОЈО СКОПЈЕ И ОД ЕУРОЏАСТ ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НЕ ДОБИЛА ИЗВИНУВАЊЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКАНИТЕ ЗА НЕЈЗИН „КРАЈ“
- СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ТЕШКО ЈА ДИСКРИМИНИРАЛ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА, ТРЕБА ЈАВНО ДА Ѝ СЕ ИЗВИНИ, УТВРДИ АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА
- СИСТЕМОТ ПОДДРЖУВА НЕКАЗНИВОСТ И КОРУПЦИЈА, А НЕ ПРАВО И ПРАВДИНА, ВЕЛИ РЕПРЕСИРАНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА
Бидејќи јавно зборува, изнесува критички ставови и предупредува за поигрување со правниот систем и законите во корист на криминалот, Ристоска е на мета за одмазда уште од времето на СДСМ, а тогашниот Совет на јавни обвинители, менуваше дури и правилник за да ѝ се забрани давање изјави без дозвола на претпоставените, кој со притисок на европските институции, беше коригиран. Тогаш пред Управниот суд доби случај, но победи и пред Комисијата за заштита од дискриминацијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



