Поскапување на давачките за ѓубретарина, гробно место, паркинг, сместување во градинка и старечки дом, предлагаат институциите кои се под надлежност на локалната самоуправа до Советот на Општина Битола.
Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комуналец“ донесе одлука цената за подигање комунален отпад за станбен простор на физички лица од 2,80 денари за квадратен метар да се зголеми на 4 денари, а за дворно место од 0,17 на 0,24 денари без ДДВ. За јавно зеленило за физички лица од 30 на 42 денари по корисник месечно.
Правото на користење гробно место се предлага да чини 24.500 денари. Надоместокот за одржување на меѓугробен простор да поскапи за 116 денари годишно, односно од 333 на 450 денари.
Јавното претпријатие „Паркинзи“ бара паркирањето во А зона да изнесува 50 денари на час, а досега беше 30 денари за два часа или 40 денари за три, а потоа секој час по 25 денари. Б зона ќе чини 30 денари на час, а досега беше 20 денари за два часа или 30 денари за 3 часа и секој следен по 20 денари. Ц зона 30 денари на час, а претходно 30 денари на ден.
Во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ цената за сместувањето за подвижни лица која последно се спомнуваше на Советот беше 9.711 денари за подвижни и 11.737 денри за неподвижни лица. Сега се предлага да биде 12.000 со 15.000 денари.
Сместувањето на децата во градинките во Битола поскапува за 510 денари, односно од досегашните 1.490 на 2.000 денари.
Советот ќе одлучува за предлозите на 29 јануари.
Опозицијата обвини дека актуелнните раководства ги заглави јавните претпријатија во долгови, а сега тоа ќе го плаќаат граѓаните.
„Без срам и со гордост од рентабилни и функционални јавни претпријатија за 4 години успеаа да ги уништат, да ги донесат до пропаст и да се со најголеми загуби во државата. Партиските директори денес со гордост промовираат поскапување, а нивните верни партиски ботови им коментираат ‘браво’ и ‘респект’. Јавните претпријатија се моторот на градот, за жал, моторот го зарибаа“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.
Локалната власт преку видео-обраќање до граѓаните ги образложи причините за поскапувањата. Директорот на „Комуналец“ Горан Степановски изјави дека 30 години цените не се коригирани, а основните трошоци се зголемени повеќекратно. Директорот на „Паркинзи“ Зоран Михајловски рече дека е јасно оти ова не е популарна мерка, но од аспект на одржливоста на претпријатието и осовременување на услугите е наметнува како неопходна.
Градоначалникот Тони Коњановски рече дека овие чекори се преземаат за поголема ефикасност на претпријатијата врз чии трошоци влијание имаше енергетската криза, зголемувањето на минималната плата, а неопходни се инвестиции во механизација зашто биле пред голема градежна офанзива.
Половина од десетте јавни претпријатија во Битола, според состојбите доставени до Советот, 2024 година ја завршија со негативни финансиски сметки, со загуба од 150 милиони денари (околу 2,4 милиони евра).
Најголема загуба имаше „Водовод“ со над 61 милион денари (над 987.000 евра), на второ место „Комуналец“ со 59 милиони денари (955.000 евра), трета Нискоградба 21 милион денари (340.000 евра), па „Паркинзи“ со 3,2 милиони денари (52.000 евра) и на крај „Пазари“ со 2,8 милиони денари (45.000 евра).
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), меѓу јавните претпријатија со најголеми загуби во државата за 2024 година, на четврто место е битолски „Водовод“, а на петто „Комуналец“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



