Народниот правобранител Иџет Мемети по сопствена иницијатива отворил постапка против директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, кој од ученици беше снимен на мобилен телефон како држи политички говор во училиштето и агитира кај учениците против наводно воведување на двојазичност, менување на химната и знамето на Македонија, против воведување на албански симболи, на монети и друго. Директорот Кире Николоски е истакнат член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.
„Народниот правобранител ги испитува сите повреди на законите во постапката на директорот на гимназијата. Не е исклучена можноста да покренеме и барање за одговорност на ова раководно лице. Ние сме загрижени од ова што се случува и сметаме дека треба да се води сметка за кадарот што работи со децата“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК заменикот Народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Засега, вели таа, Омбудсманот води два предмета во врска со вакво незаконито и забрането однесување кон учениците. Се води постапка и за директорката на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, по пријава на родител, откако таа на втори март со соопштение им наредила во 15 часот тој ден да излезат пред училиштето за да бидат снимени од медиуми блиски до власта и со тоа да се прикаже дека наводно одат на протест против двојазичноста.
Во двата случаја Омбудсманот укажал на обврската на училиштата за воспитно-образовна дејност и грижа за правилен раст и развој на децата и оти секој обид за политичко дејствување, е казниво со закон.
„Народниот правобранител со големо внимание ги следи настаните во државата, особено вовлекувањето на децата во протестите кои се одржуваат. Зашто, и родителите излегуваат на протести со своите деца. Апел упативме и до нив за да постапуваат внимателно, бидејќи децата не се безбедни на таквите собири, особено во овие околности. Апелиравме и против обидите на некои раководни лица, како директорите на училиштата, да ги вовлечат учениците во политички манипулации и активности“, вели Бајрамовска – Мустафа.
Во реакцијата денеска Омбудсамнот Мемети ги повика училишните одбори, градоначалниците, Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука веднаш и без одлагање, секој во рамките на своите надлежности да преземе соодветни мерки спрема лицата кои агитираат или дозволуваат во училиштата да се врши агитација и обиди за политичко инволвирање на учениците.
Според видеоклипот снимен од ученици кој потоа се рашири на социјалните мрежи, Кире Николоски, директор на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, пред своите ученици држел говор и меѓу другото вели: „Како личност која што на ваши години, уште во 1990-1989 година сум застанал во борба за создавање на самостојна Македонија, ако се случи воведување на двојазичност, ако се случи менување на химна, на знаме, воведување на албански симболи на монети… Слушнете ме да ви докажам…“..
„Директоре уште поголем срам е во образована институција, вие да ни држите политички говори“, се слуша на видеоклипот реакцијата на една ученичка, додека Николоски агитира.
Директорот Николоски потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК дека разговарал со учениците. Тој е убеден дека не ги пречекорил своите овластувања како директор на гимназијата и професор по историја.
„Не држев говор, туку разговарав за националните интереси со 20-ина ученици кои по големиот одмор останаа во гимназија додека другите заминаа на протести“, рече тој. На учениците дури им понудив и да им одржам час по историја. Им кажав дека не е добро да се уништат македонските национални интереси, да се спроведува Тиранска платформа, платформа на друга држава, која што предвидува воведување двојазичност на цела територија, менување на името, на химната, на знамето и осудување на партизаните за геноцид, кои ја создале Македонија. Не гледам каде сум ги пречекорил овластувањата, потенцирам не сум ги убедувал учениците да одат на протест“, изјави Николоски. Тој нема одговор дали учениците кои завчера заминале од часови за да дат на протест, ќе имаат неоправдани изостаноци.
С. К. ДЕЛЕВСКА